Белград – Кај 43-годишен маж од Суботица е регистриран првиот случај на коронавирус во Србија. Пациентот е во изолација, откако се вратил од Унгарија каде што бил во посета на својата сестра. („Политика“)

Атина – Вчера повторно дошло до судири на грчко-турската граница, каде што илјадници мигранти и бегалци се обидуваат да ја поминат границата и да заминат кон земјите од Европската Унија. Турската полиција испукала солзавец кон грчките полицајци, кои ја чуваат оградата поставена на границата. Исто така, и грчката полиција испукала солзавец, а пукала и со водни топови во момент кога насобраните се обидувале да ја урнат оградата. („Ројтерс“)

Љубљана – Словенечкото собрание одлучи да се повлече предлог-законот, со кој се предвидуваше повторно да се воведе служење воен рок во земјата. Против ваквиот предлог гласаа и пратениците што сега се нови коалициски партнери на СДС. (МИА)

Софија – Пет медицински сестри цела ноќ останаа во зградата на Народното собрание на Бугарија, откако завчеравечер се забарикадираа со салата каде што заседава собраниската Комисија за здравство и прогласија граѓанска непослушност. Бугарското министерство за здравство соопшти дека дел од нивните барања се исполнети и засега нема да преговара со сестрите. (БГНЕС)


Бисер балкански

Во стилот на Трамп

– Бев многу среќен што Ричард Гренел рече дека е погрешно моето тврдење дека САД би сакале брзо да се движат кон голема спогодба меѓу Белград и Приштина. Тоа значи дека погодив во жица, и тоа што го реков е точно. Гренел немаше да се мачи да ме осуди во стилот на Трамп доколку не бев во право. Американците се лутат што оваа информација е објавена и се сомневам, тоа е поради тоа што не може да се постигне договор – рече Тим Џуда, британски новинар и експерт за Балканот, како коментар за остриот демант што му беше испратен преку Твитер од специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп.
Џуда, по најновиот состанок меѓу претседателот на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, со посредство на Гренел разговарал во Вашингтон за размена на територии, без обврска Србија да го признае Косово, но Србија повеќе да не го спречува членството на Косово во Обединетите нации.