Атина – Во подножјето на планината Олимп, воени воздухопловни сили на Грција и на САД учествуваа во боеви вежби со хеликоптери за напад, продлабочувајќи ги одбранбените врски меѓу двете земји. Грција ги зголеми воената соработка и набавка од сојузниците Франција и САД, поради влошените односи со соседна Турција, со која се спори околу морските граници, воздушниот простор и правото на експлоатација на нафта во источниот дел на Медитеранот. („Макфакс“)

Софија – Владата на Бугарија одобри склучување договори за обезбедување финансиска помош за проекти за Србија, Украина, Молдавија, Македонија, Ерменија, Виетнам и за Косово, со вкупна вредност од 634.372 лева. Парите се насочени за зголемен квалитет на образованието и гарантирање пристап во услови на мултикултурна средина во државите партнери. („24 часа“)

Сараево – За судија во Уставниот суд на Босна и Херцеговина може да биде избран само државјанин на БиХ со право на глас, кој е истакнат правник со високо, морално реноме, пишува во предлог-законот за престанок на мандатот на странските судии и избор на домашни судии во Уставниот суд на БиХ што во парламентот на БиХ ќе го упатат пратениците од Република Српска.
Во предлог-законот е наведено дека на тројцата судии избрани од претседателот на Европскиот суд за човекови права им престанува мандатот со завршувањето на процедурата за избор на тројца домашни судии.
(„Еуроблиц“)


Бисер балкански

Не е исто

– Знаете ли зашто амбасадорот Гренел бара укинување на таксите? Тие понудија нешто погрешно. Видоа дека курти и Османи се колебаат, откако рекоа дека ќе ги укинат таксите. Да не кажеа дека ги укинуваат таксите, Гренел ќе бараше завршување на процесот. Воспоставување реципроцитет и укинување на царините за српските производи не е исто – рече Рамуш Харадинај, поранешен премиер на Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти вчера изјави дека ќе ги анализира препораките, а потоа ќе донесе одлука за укинување на таксите во износ од 100 отсто за српските производи, со воведување реципрочни мерки, кои ќе ги заштитат локалните производители.