Брисел – Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел вчеравечер во Брисел организира неформална вечера за лидерите од Западен Балкан. Европската комисија претходно соопшти дека на состанокот ќе присуствува и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен. Дипломатски извори изјавиле дека Мишел на вечерата, покрај шесте лидери од Западен Балкан, ги поканил и претседателката на Европската комисија, министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, бидејќи доаѓа од земја што претседава со Советот на ЕУ. На состанокот ќе се разговара за состојбите во регионот, интеграцијата во ЕУ и подготовките за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во Загреб. („Танјуг“)

Тирана – Турската Влада ѝ го отстапи на албанската влада авионот што до пред една година го користел претседателот Реџеп Таип Ердоган. Со овој авион Ердоган повеќе од еден час летал околу Истанбул вечерта на 15 јули 2016 година, кога турските власти го спречија, како што го нарекуваат, обидот за обид за државен удар. (МИА)
Сараево – Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, ја опиша сегашната криза во БиХ како „политичка тепачка“ со неизвесен рок на траење, истакнувајќи дека луѓето, сепак, не треба да се плашат од вистински конфликт. Предупредувањата од различните страни дека одлуките на Уставниот суд се конечни и обврзувачки, Додик ги квалификува како флоскули и изјави дека странските судии упорно донесуваат одлуки што се во интерес на Бошњаците. („Аваз“)


Бисер балкански

Бели ливчиња

– Условите за изборите во Србија се лоши, но ЛСВ ќе учествува на изборите, затоа што бојкотот ќе ѝ обезбеди повеќе пратеници на Српската напредна партија. Таа на локално ниво презема нешто за заплашување на гласачите, што претставува терор над граѓаните во јужен Банат. За изборниот успех на СНС ќе бидат најодговорни тие што ќе бојкотираат. „Белите ливчиња“ се штетна политика, а со намалување на одзивот ќе им се овозможи на напредњаците со 60 отсто од пратениците да имаат целосен легитимитет да носат одлуки. Во парламентот сигурно како опозиција ќе бидат претставници на ултрадесничарските организации, што е поголем проблем – изјави Ненад Чанак, лидерот на Лигата на социјалдемократи на Војводина, за одлуката на дел од српската опозиција да не учествува на парламентарните избори во Србија.