Приштина – Премиерот на Косово, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во март ќе се сретнат во Берлин и во Брисел. Ова ќе биде прва средба помеѓу Косово и Србија по воведувањето на таксите.
Ова го потврди потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Лутфи Азири, кој рече дека средбите се во подготовка за самитот во Загреб. („Коха“)

Белград – Министерството за образование во Србија вчера донело одлука распустот да биде продолжен до 24 февруари, за да се намали ширењето на грипот.
Српското министерство за здравство му дало препорака на Министерството за образование да се продолжи зимскиот распуст до петок, 21 февруари, па, така, првиот наставен ден ќе биде понеделник, 24 февруари. („Танјуг“)

Бања Лука – Претставници на Република Српска ќе го стопираат донесувањето одлуки во заедничките институции сè додека не се донесе новиот закон за Уставниот суд, најави претседателката Жељка Цвијановиќ. По состанокот со претставниците на Република Српска во институциите на БиХ, како и со лидерите на парламентарните политички партии во Републиката, Цвијановиќ рече дека тоа е првиот заклучок на состанокот.
Претставниците на Република Српска го прекинуваат своето учество во одлучување на ниво на БиХ сè додека не се донесе новиот закон за Уставниот суд на Босна и Херцеговина, во кој нема да има странски судии во овој суд. (РТРС)


Бисер балкански

Задоцнет верник

– Да се зборува за опонентите и да им се префрла дека не се конструктивни не е в ред. Постојаното повикување на Пленковиќ на Фрањо Туѓман ме потсетува на човек што во доцните години од својот живот ја открил верата и тоа постојано го нагласува. Тоа е малку претерано, можеби е во прашање грижа на совест. Имав привилегија да работам во канцеларијата на Туѓман. Таму го започнав својот работен век, а Пленковиќ тогаш беше вработен во Министерството за надворешни работи и беше активен критичар на Фрањо Туѓман – изјави Миро Ковач, кандидат за претседател на ХДЗ, кој е главен конкурент на актуелниот партиски лидер и премиер на Хрватска Андреј Пленковиќ.