Загреб – Хрватска до 2023 година нема можност да набави нови борбени авиони, а прашање е дали ќе може да купи и половни летала, така што Владата е на прагот на одлуката нејзиниот воздушен простор да го чуваат сојузничките сили на НАТО. Министерот за одбрана Дамир Крстичевиќ, претходните денови, јасно порача дека ни сегашната влада не ќе може да го реши прашањето со борбените авиони, за наредните три години, пред приземјувањето на сите авиони „миг“, поради истекувањето на периодот на експлоатација. („Јутарњи лист“)

Нови Сад – Националната асоцијација на производители на коноп во Србија предлага измени на Правилникот за одгледување коноп, со кои би се овозможило користење на целата билка, а не само на стеблото. НАКС е новооснована организација, која има цел да ги „излекува“ граѓаните, да ги развие селото и економијата, да поттикне нова одржлива екоиндустрија, да го намали загадувањето на природната средина и да влијае на намалување на масовната економска миграција на младите во Србија. (Б92)

Марибор – Едно лице го загуби животот, откако поради силниот ветер врз неговиот автомобил падна дрво. Несреќата се случи утрово на патот Дравоград – Марибор во близината на местото Подвелки. Поради силниот ветер, цела Словенија вчера беше во портокалова фаза. Агенцијата за животна средина го издаде предупредувањето по информацијата на метеоролошките служби, дека во некои делови од државата ветерот ќе достигне брзина и до 120 километри на час. (МИА)


Бисер балкански

Брзина на полжав

– Не може со брзина на полжав да се стигне до пристапни преговори, а со тоа и до членство во Европската Унија. Иако политичките елити се обидуваат да создадат привид дека се определени за реформи, тие се подготвени да го протераат и најмалиот никулец на демократските и европските вредности од Балканот. Овој застој или темпо го споредувам со трка на 100 метри во која, на пример, Македонија на почетокот на трката поставува тркач што е подготвен и брз, а Босна и Херцеговина се одлучува да испрати полжав, кој оди зад сите други и никогаш нема да стигне до целта. Ако е така, само се губи доверба, посебно кај граѓаните во процесот на проширување и тоа доведува до негово деградирање, а произведува и фрустрации кај граѓаните – Ведран Џихиќ, виш стручен соработник на австрискиот институт за интернационална политика и предавач на политички науки во Виена.