Белград – Српскиот парламент ги усвои измените и дополнувањата на Законот за избор на пратеници и измените на Законот за локалните избори со кои се намалува цензусот и се предвидува меѓу кандидатите најмалку 40 проценти да бидат жени. Промените предложени од Српската напредна странка го намалуваат прагот од пет на три проценти и воведуваат поконкретни правила за учество на партиите на националните малцинства на изборите. (Б92)

Атина – Министерството за цивилна заштита на Грција објави оглас за вработување на 800 гранични полицајци на одредено време, кои ќе бидат распределени на осум различни острови во североисточниот дел на Егејско Море, односно на островите погодени од бегалските и мигрантските бранови. Најголем број гранични полицајци, 240, е предвидено да бидат на Лезбос, 180 на Самос, 160 на Иос, 100 на Кос, а преостанатите на други четири помали острови. На крајот од јануари годинава беше објавен оглас за 400 гранични полицајци што ќе бидат распределени на границата со Турција. („Локално“)

Тирана – Агенцијата „Стандард и Пурс“ ја предупреди албанската влада дека треба итно да ја подобри деловната клима во земјата, бидејќи економијата е под закана од пад на инвестициите. Во својот последен извештај за процена, агенцијата наведува дека малиот број инвестициски проекти што се на видик создале ризици за албанската економија и оти ќе го забават економскиот раст во земјата.
За периодот 2020-2023 година се предвидува дека албанската економија ќе расте просечно за 3,5 проценти на годишно ниво. Но оваа прогноза е загрозена од падот на инвестициите и забавувањето на економскиот раст во земјите партнери, како Грција и Италија, се наведува во извештајот. („Топ чанел“)


Бисер балкански

Дијалогот со Вучиќ е неизбежен!

– Него го избра српскиот народ – порача Тачи викендов на приштинската телевизија Т7 во изјавата дека дијалогот со српскиот претседател Александар Вучиќ е неизбежен. Тој додаде дека Србија се однесува непријателски кон Косово, но, како што рече, потребно е повеќе да се гледа во иднината.
Ова се смета како порака до новиот косовски премиер Албин Курти, кој првата посета по изборот на функцијата ќе ја оствари во Тирана, каде што ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама.