Приштина – Новата влада на Косово, предводена од лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, ќе има 15 министерства и двајца вицепремиери.
Албин Курти во воведното излагање, каде што ја претстави програмата на новата влада, изнесе неколку приоритети. Мандатарот за состав на владата рече дека со Србија ќе применат целосен трговски реципроцитет. Курти, како што вели, на основа на меѓународни закони и права „ќе подготви тужба против Србија за воени злосторства, геноцид и агресија“.
– Целосно сум подготвен да водам дијалог со Белград, ќе направам тим што ќе се посвети на тоа – нагласи Курти. (МИА)

Тирана – Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, вчера во Тирана се сретна со премиерот на Албанија, Еди Рама.
– Ние знаеме дека позицијата на неколку влади беше дека треба да се разгледа методологијата за интеграција. Ние сме убедени дека пакетот треба да се движи истовремено за Албанија и за Македонија. Убедени сме дека по ревидирањето на некои механизми од методологијата, сите забелешки ќе бидат надминати – изјави Сасоли.


Бисер балкански

Погрешен воз

– Не се вели без причина дека кога ќе се влезе во погрешен воз, сите попатни станици се исто така погрешни. Не ви останува ништо друго, освен да излезете и да продолжите во спротивната насока. Меѓутоа, инерцијата на погрешен правец е чудо и не е лесно да ѝ се спротивставите. Извртувањето на сите демократски стандарди на српската политичка сцена во последните години е најдобар доказ за тоа. Најновиот пример доаѓа од најмалку очекуваниот правец, но и тоа се вклопува во образецот. Имено, сѐ е матно и сѐ е чудно во врска со одлуката на здружението „Еден од пет милиони“ да излезе на избори бранејќи ја идејата за бојкот на избори. За почеток, пред да се дојде до самата одлука, што претставува тоа здружение. Кој го основа и регистрира и со каков легитимитет – вели Теофил Панчиќ, колумнист во неделникот „Време“ и политички коментарот на РСЕ, за тоа дека нема некоја одлука на „една полуфантомска група на граѓани да ги одреди судбината, смислата и дострелот на бојкотот на изборите“.