Белград – Oпозициските партии обединети во коалицијата Сојуз за Србија (СзС) и други партии меѓу кои и Движењето на слободни граѓани (ПСГ), кои имаат донесено одлука за бојкот на пролетните парламентарни и локални избори во Србија, усвоија декларација во која се обврзуваат дека „секој обид за формирање влада заснована врз резултатите од лажните избори ќе се смета за чин на соборување на уставниот поредок
– Ние таквата власт ќе ја сметаме за нелегитимна и против неа ќе се бориме со секаков вид отпор и граѓанска непослушност. Ќе ја продолжиме борбата за слободни медиуми и за слободни и фер избори со сите расположиви законски средства за демократизација на Србија – се наведува во декларацијата. (РТС)

Подгорица – Европскиот суд за човекови права го одби барањето на адвокатската канцеларија „Радиќ“ од Белград, во врска со забраната за Законот за слобода на вероисповед, пренесуваат српските медиуми.
Адвокатската канцеларија „Радиќ“ од Белград на 27 и 30 јануари 2020 година поднесе иницијатива до Европскиот суд за издавање привремени мерки, со кои би им се забранило на органите на Црна Гора да го спроведат законот за слобода на вероисповед, до донесување на одлуката на Уставниот суд на Црна Гора по поднесената иницијатива за оцена на уставноста и законитоста или до заклучување на темелниот договор меѓу СПЦ и државата Црна Гора. (РТЦГ)

Софија – Поради изминатиот сув период, во Тројанскиот манастир во Бугарија вчера се организира молитва од страна на локалните жители. Поради топлите температури во февруари, локалното население во Орешак, Тројан и од преостанатиот регионот во Бугарија е загрижено поради недостигот од снег, што значи сушна пролет. („24 часа“)

Сараево – Во Босна и Херцеговина има околу 6.500 до 7.000 мигранти, од кои 5.250 престојуваат во расположивите сместувачки капацитети, изјави директорот на Службата за работа со странци Слободан Ујиќ. По влегувањето во БиХ, мигрантите го злоупотребуваат Институтот за меѓународна заштита и ја искажуваат својата намера за азил, овозможувајќи им да го легализираат престојот и слободно да се движат низ БиХ. („Дневни аваз“)