Атина – Новиот мутиран вид на коронавирусот, кој првпат се појави во Велика Британија, пристигна во соседна Грција. Четири од шест позитивни лица што неодамна допатувале во Грција од Велика Британија се заразени со новата мутација, која, според научниците, е многу позаразна од изворната верзија на ковид-19. (ТВ21)

Загреб – Премиерот Андреј Пленковиќ на вчерашната седница на Владата на Хрватска прогласи катастрофа и истакна дека никој нема да остане сам во оваа тешка ситуација што ја снајде земјата по земјотресот во Петриња. Владата со едноминутно молчење им оддаде чест на осумте млади луѓе што ги загубија своите животи во близина на Посушје во БиХ пред неколку дена. („Индекс“)

Тирана – Албанија ја зајакнува декриминализацијата, со што секој што е осуден во некоја од земјите каде што живеат значителен број Албанци не ќе може да се кандидира на парламентарни и локални избори или да биде поставен на одговорна функција. Овие измени се во пресрет на парламентарните избори закажани за 25 април годинава. („Опсервер“)


Бисер балкански

Југословенска утопија

– Југославија ми беше инспирација за приказна за измислена земја во која сите сакаме да живееме. Разговарајќи со луѓето од Балканот, особено со тие што во 1970-тите и 1980-тите имале дваесет години, сфатив дека Југославија е вистински пример за утопија. Сите толку позитивно зборуваат за тоа време што едноставно за мене е фасцинантно. Зборуваат многу емотивно и на начин тоа да звучи бајковито, како Дизниленд. Значи постоеше лик што по Втората светска војна стана претседател, имал свој ден во мај, свој воз, брод и паради што со исценирана кореографија ги приредуваа во негова чест. Исто така, имаше и посебен затвор на Голи Оток. Сето тоа ми личеше на нова диктатура, но разликата е во тоа што луѓето што живееле во таа земја се воодушевуваа со тоа и сѐ уште патат за тоа време. Гледано од страна, тоа е многу збунувачки – вели германскиот режисер Бон Парк, кој во Белградскиот драмски театар ја постави претставата „Југојугославија“.