Атина – Одлуките за привремено ограничување на копнените граници, како и за забраната за влез на државјани на трети земји, грчката влада ги продолжи за уште една седмица, односно до 3 мај 2021 година. Промена има во последниот член на одлуката, каде што е додаден нов став што се однесува на задолжителниот ПЦР-тест што патниците треба да го покажат при влезот во земјата и наведено е дека важи и за деца што наполниле пет години, нешто што не беше споменато во претходните одлуки. (МИА)

Загреб – Платформата „Цијеписе“, на која хрватските граѓани електронски аплицираат за вакцинација против ковид-19, доживеала целосен колапс.
Платформата воопшто не се користи во хрватските окрузи, а Звонимир Шостар, раководител на институтот „Д-р Андрија Штампар“, потврди дека имунизацијата преку системот е прекината во градот Загреб и нема изгледи да се продолжи. („Индекс“)

Софија – Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека е несериозно да се размислува за службена влада, со оглед на тоа што сѐ уште е во тек парламентарната процедура за формирање политичка влада.
Според него, Уставот не пропишал рок меѓу доделувањето на првиот и вториот мандат и тој очекува Бугарија наскоро да добие политичка влада.
Даниел Митов, мандатарот од победничката ГЕРБ му го врати мандатот на Радев, а следен што ќе добие шанса да формира влада ќе биде Слави Трифонов. („24 часа“)


Бисер балкански

Хуманитарец за Рамазан

– Доставете ми го износот, без имињата на должниците, кои подолго време во вашата продавница имаат неплатени сметки, за да ги платам нивните долгови – гласела пораката што деновиве пристигнала во една локална продавница во црногорскиот град Бар.
Веста за анонимниот донатор од странство што им ги платил долговите на неговите некогашни соседи, ја пренесоа сите медиуми во регионот. Непознатиот донатор платил 500 евра за сите долгови во локалната продавница, без разлика на етничката и верската припадност на должниците. Подоцна се дознало дека иселеникот од овој град сакал за празникот Рамазан да ги израдува своите некогашни сограѓани.
Во Бар со векови живеат припадници на три доминантни вери на овие простори. На пописот од 2011 година околу 60 отсто од жителите на Бар се изјасниле за православни, околу 30 отсто се припадници на исламот, а осум отсто се католици, пренесе „Б92“.