Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека вонредната состојба ќе биде укината на 6 мај, на Ѓурѓовден, и дека изборите во Србија ќе се одржат на 14 или на 21 јуни. Вучиќ изјави дека одлуката за укинување на вонредната состојба в среда ќе се најде пред пратениците на Народното собрание, а в четврток ќе стапи во сила, со што нема повеќе да има полициски час. (ТВ Пинк)

Загреб – Оваа недела угостителите, хотелиерите и претставниците на приватните здруженија за сместување ќе одржуваат видеосостаноци со Министерството за туризам и со Националниот штаб за цивилна заштита за епидемиолошките мерки што ќе им бидат пропишани со намера, велат соговорниците од ресорното министерство, туристичката сезона во Хрватска да почне од 1 јуни, најдоцна до 15 јуни, пишува весникот. („Јутарњи лист“)

Атина – По 42 дена Грција излегува од карантин, со целосно укинување на забраната за движење за граѓаните и отворање на дел од продавниците и влегува во новата фаза на постепено олабавување на рестриктивните мерки. Од вчера маските ги заменуваат СМС-пораките и потврдите за движење, со оглед на тоа дека заштитната маска во одредени случаи е задолжителна. (МИА)


Бисер балкански

Фраери и петокрака

– Секое време има свои фраери, да ги наречеме така. Треба да се знае во секое време да се реагира примерно. Реакцијата пост фестум личи на состојбата кога на преглед неврологот ќе ве удри со чеканчето во коленото, а вие реагирате на ударот по два дена и велите „сѐ е добро“. Милановиќ, Јандраковиќ и Пленковиќ, сите тие луѓе на највисоки државни функции, имаа доволно години да реагираат на тоа.

Сега е депласирано. Јас не би напуштил некаков собир на кој некој носи маица со петокрака. Постојат институции да реагираат во такви ситуации. Не е улогата на претседателот на државата да реагира на таков начин – рече Мирослав Шкоро, поранешен кандидат за претседател на Хрватска.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ на прославата на 1 Мај ја напушти свеченоста за одбележување на воената операција „Блесок“, бидејќи еден хрватски воен ветеран се соблече во маица со усташкиот поздрав „За дом спремни“. Милановиќ објасни дека тоа било „намерна провокација во која тој не сака да учествува“.