Софија – Лидерот на ГЕРБ вчера се јави на поканата од Генералниот директорат на Националната полиција на Бугарија каде што беше повикан за да даде исказ. Пред зградата беа собрани поддржувачи на партијата на Борисов – ГЕРБ во знак на поддршка на поранешниот премиер.
– Никој не ги организираше овие луѓе. Почнувам со Централната изборна комисија. Во обид да ме понижат, сакаа да ме повикаат како пратеник, но бидејќи не можат да го сторат тоа, среде ноќ го сменија решението. Исказите против мене се сведуваат на тоа дека некој нешто слушнал, дека некој нешто кажал, и тоа се од 2009 до 2012 година – изјави Борисов. („360 степени“)

Атина – Грчката влада донесе одлука со кој се продолжува важноста на правилата за влезот на туристите, поседување сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/брз тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет ПЛФ-формулар. Македонија и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји. („Независен“)

Подгорица – Од почетокот на јуни до крајот на минатата недела, Црна Гора потрошила околу 300.000 евра за бесплатно ПЦР-тестирање на туристите што престојуваат во државата. Според црногорскиот институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од почетокот на јуни до 2 јули биле извршени 5.689 ПЦР-тестови врз странски државјани во Црна Гора, кои чинеле околу 50 евра. Помалку од еден процент од тестираните биле позитивни, односно ковид-19 е регистриран кај 44 лица. („Вијести“)


Бисер балкански

Српска салата од албански домат!

Српската салата одамна повеќе не е српска. Албанскиот домат, македонската краставица и холандскиот компир најмногу им пречат на српските земјоделци, кои кога почнува сезоната за овие производи, поради конкуренцијата, може само да го фрлат или – подарат. Ова второто имавме можност да го видиме неделава во Лесковац, каде што градинарите бесплатно му делеа домати на народот. Сепак, истурањето на млекото, фрлањето на малините пред Собранието на Србија и газењето на зеленчукот на депониите не е идеално решение. Производителите мислат дека со тоа ќе привлечат вниманието кон себе и така ќе го победат увозничкото лоби. Никако, меѓутоа, да научат дека некогаш е и до квалитетот. Југот на Србија, рај за градинарите, последните години одгледува само индустриски домат, затоа што е поевтин. Оттука и ниската откупна цена, пишува новинарката Јелена Субин во коментарот објавен во „Новости“, по повод протестите на српските земјоделци за ниските откупни цени на домашниот домат.