Атина – Две лица се исчезнати, а 32 се спасени, меѓу кои и три деца, откако потона чамец со бегалци и мигранти во морскиот дел североисточно од грчкиот остров Лезбос, објавија медиумите во Грција. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, исчезнати се две жени, додека, пак, министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во изјава за потонатиот чамец изразува жалење за загубените животи. (МИА)

Приштина – Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, ќе го бранат пет адвокати пред Специјалниот суд во Хаг. Поранешниот косовски претседател е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, убиства, прогони и тортури извршени за време на конфликтот во Косово. Тој беше уапсен на 5 ноември и пренесен во затворот на Специјалниот суд во Хаг. („Коха“)

Подгорица – Црногорскиот парламент за вчера закажа седница на која треба да го верифицира мандатот на Владата предложена од мандатарот Здравко Кривокапиќ. Предлогот на Кривокапиќ е влада со 12 министри, кои, според неговите најави, како приоритет ќе ја имаат борба против корупцијата и криминалот, правдата, рамноправноста и добрососедските односи со земјите од опкружувањето. (РТЦГ)


Бисер балкански

Со тенкови против ковид-19

– Во моментот кога Србија, како и светот и околните земји бараат празен кревет за сместување на заболените од коронавирусот, една мала земја на ридестиот Балкан покажува тенкови. До душа, половни и подарок од Русија и Владимир Путин. Зошто се прикажуваат тенковите во зенитот на епидемијата, ќе се запраша секој што има здрав разум. Тие и со малку здрав разум нема да сфатат дека Вучиќ не им се обраќа ним, туку на своите гласачи на кои им дава до знаење дека земјата функционира и во најтешките моменти. Не видовме како државни водачи во Европа се покажуваат пред оружје, во време кога сите се фаќаат за глава од бројот на семафорот на заболени лица од коронавирусот. Во Белград по пет часа се чека пред ковид-амбулантите и се лута за да се добие рендген-снимка, па тешко дека тенковите ќе помогнат – дел од коментарот објавен на „Ал џезира“.