Подгорица – Изолацијата, воведена како мерка за ширење на епидемијата на коронавирусот, предизвика зголемување од 20 проценти на бројот на случаи на семејно насилство во Црна Гора. Не се исклучува можноста дека таа бројка ќе се зголемува во наредните недели. Во последната седмица, линијата на СОС имала 69 повици, што е за околу 20 проценти повеќе од претходната недела. (РТЦГ)

Атина – До синдикатите во Грција стигнале сериозни поплаки за обиди на некои работодавци да земат дел од специјалната помош во висина од 800 евра што им следува на вработените во рамките на владините мерки за поддршка за справување со економските последици од коронавирусот. Грчката телевизија ги поткрепи овие информации со објавена аудиоснимка од разговор во кој одговорниот, од вработените бара на специјална сметка на работодавецот да вратат дел од помошта. (ЕРТ)

Тирана – Во Албанија има осум починати од епидемијата на коронавирусот. Во Инфективната клиника во Тирана починал пациент од Фиер, кој пред два дена бил хоспитализиран со дијагностициран ковид-19. Пациент на 66-годишна возраст од Фиер, бил позитивен на коронавирусот и ненадејно починал од инфаркт. („Алсат“)


Бисер балкански

Со маска или без маска?

Дами и господа од Националниот штаб, ок, ви веруваме. Ги читаме и слушаме сите ваши препораки. Земјотресот ве потресе, разбираме, но сепак по малку нѐ збунувате. Едни меѓу вас се задоволни од нашето однесување, други се разочарани. Вие од штабот два дена носите маски, а потоа ги симнувате, но ставате плексиглас меѓу себе и новинарите. Ни велите дека текстилните маски служат само психолошки. Ни служат да не се допираме по лице, ако не се за ништо друго. Покрај тоа, без маски, какви се такви, не нѐ пуштаат ни во аптеки ни во банки. Договорете се господа! – јавно обраќање на збунета граѓанка од Хрватска, која е незадоволна од настапите на членовите на Националниот штаб за цивилна заштита, за контрадикторните изјави што ги даваат на редовните прес-конференции, за мерките и препораките до граѓаните.