Атина – По пауза од два месеца, продавниците во Грција одново се отвораат, под посебни правила и прописи, со задолжително испратен СМС и со ограничено време за шопинг на граѓаните. Граѓаните за шопинг ќе имаат на располагање најмногу три часа, еднаш дневно, откако претходно ќе испратат СМС на специјален број со име и презиме и ќе добијат повратен одговор со дозвола за посета на продавница.
Поради лошата епидемиолошка слика, во саботата од Секретаријатот за цивилна заштита соопштија дека малопродажбата во регионалните единици Солун, Ахаиа и Козани нема да отвори. (МИА)

Белград – Во Србија ќе биде доставен нов контингент кинески вакцини „Синофарм“ против коронавирусот. Како што е најавено од Владата на Србија, контингентот ќе биде пречекан од премиерката Ана Брнабиќ, која претходно најави дека ќе пристигнат 500.000 дози вакцини, а ќе бидат доставени и околу 106.000 дози вакцини од „Фајзер“. Од вчера во Србија малку се олеснуваат епидемиолошките мерки, а угостителските објекти на отворено ќе работат до 22 часот. („Политика“)

Подгорица – Вакцинацијата со „Астра Зенека“ во Црна Гора ќе продолжи, а засега нема докази за поврзаност помеѓу вакцината и смртта на пациент постар од 80 години, откако ја примил вакцината, објави црногорското министерство за здравство.
– Засега нема врска со вакцинацијата. Додека не се докаже јасна врска, вакцинацијата продолжува – објавија Институтот за јавно здравство. (РТЦГ)


Бисер балкански

Сите против еден

– Целокупната опозиција во Србија има поддршка од 42 отсто, а за Српската напредна партија се 38 отсто од граѓаните. Добро е што мојата партија првпат во анкетите го помина цензусот во некоја анкета. Поради таквите истражувања упативме официјален протест до организацијата „Ипсос Европа“. Мислам дека секој гледа дека Партијата за слобода и правда поединечно е најсилна партија меѓу опозицијата, но тоа не е важно. Поважно е колку вкупно имаат влијание сите партии, движења и организации што се борат против власта – изјави Драган Ѓилас, претседателот на Партијата на слобода и правда, како коментар за најновите истражувања за рејтинзите на партиите, според кои неговата партија има поддршка од 3,8 отсто од граѓаните.