Сараево – Министерот за заштита на правата на борците на Федерацијата на БиХ, Салко Букваревиќ, вчера почина на Клиниката за болести на белите дробови на Клиничкиот центар во Сараево. Тој беше примен во болницата пред десетина дена, откако беше потврдено дека е позитивен на коронавирусот. („Кликс“)

Софија – На бугарските портали се појави нова аудиоснимка на која се слуша гласот на премиерот Бојко Борисов. Новата аудиоснимка се однесува на телефонски разговор на Борисов со извесен Томислав Дончев.
Неодамна, во неколку наврати медиумите објавија аудио и видеоснимки од разговори на Борисов и од неговата спална соба во премиерската резиденција. На снимките можеше да се види дека во една од фиоките Борисов чувал банкноти од 500 евра, златни прачки и пиштол. По објавувањето на снимките, во Бугарија започнаа антивладини протести, на кои граѓаните бараат оставка на кабинетот на Борисов и на специјалниот обвинител Иван Гешев. („Курир“)


Бисер балкански

Свети крави

– Управата за спречување перење пари нема селективен пристап во својата работа. Таа испитувала сметки и имот и на актуелни министри. Ризикот кај организациите од непрофитниот сектор е проценуван и минатата година и никој не зборуваше за хајка. Јас сум професионалец и одговорно ја работам својата работа. Ја испитувавме имотната листа на четворица актуелни министри и ако тие не се „свети крави“, зошто би биле тоа невладините организации – рече Жељко Радовановиќ, в.д. директор на Управата во Министерството за финансии на Република Србија.

Управата за спречување перење пари направи список со 20 медиумски работници и 37 невладини организации и граѓански здруженија, со кој бара од банките да извршат увид во сите нивни трансакции во претходната година. Во барањето се наведува дека се бараат податоци за да се утврди дали организациите и поединците на списокот имаат каква било врска со финансирање тероризам или со перење пари. Од опозициските партии и претставници на невладиниот сектор оваа активност на Управата ја сметаат како „притисок“ од власта.