Фото: Игор Бансколиев

Љубљана – Вработените во државната администрација во Словенија ќе треба да се вакцинираат или да достават потврда дека го прележале коронавирусот, во спротивно нема да можат да работат со странки, најави министерот за економија и вицепремиер Здравко Пошивалшек.
– Вработените што се во контакт со луѓе ќе мора да се вакцинираат или да покажат потврда дека прележале ковид-19 – рече тој, додавајќи дека тоа повеќе нема да биде можно со негативен тест за коронавирус како порано. (СТА)

Тирана – Поранешниот албански претседател, бивш премиер и почесен претседател на албанските демократи Сали Бериша нема да биде дел од новиот законодавен дом, иако на изборите на 25 април обезбеди пратенички мандат, објави лидерот на партијата Љуљзим Баша. Тој вели дека Демократската партија е најпроамериканска и најпроевропска партија, зборувајќи за одлуката на Стејт департментот, со која Бериша и неговото семејство се прогласени за персони нон грата и барањето на американската амбасадорка Јуриј Ким да го повлече од пратеничката група. („Алсат“)

Софија – Претседателот на државата Румен Радев, за време на расправата за кандидат за нов член на Централната изборна комисија на Бугарија од Има таков народ, соопшти дека распуштањето на Националното собрание е прашање на денови.
– За ефективната работа на ЦИК е важна транспарентноста во нејзината работа. Изборите се столб на демократијата и од нив зависи да има демократски и легитимни институции – рече бугарскиот претседател Румен Радев. (БГНЕС)


Бисер балкански

Прилив и одлив на академици

– Оваа куќа, за жал, има многу старо членство, кое се намалува. Приливот на новите членови во последните децении беше помал од одливот. Исто така, по бројот на членови во однос на населението, нашата академија е меѓу најмалобројните во регионот, бидејќи имаме 1,7 академик на 100 илјади жители. Поради ова, имаме мака да ги исполнуваме сите наши задачи. Ја видовме опасноста и сакаме да го смениме тоа. Пристигнаа голем број предлози за членство, Важни ни се дописните членови, тие се свежата крв и од нив многу се очекува – изјави академик Љубомир Максимовиќ, потпретседател на САНУ, за големиот број поднесени барања за членство во Српската академија, а на конкурсот досега се пријавиле 55 потенцијални академици.