Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави промена на Законот за бремени жени и значително зголемување на стимулациите за новороденчињата. Вучиќ најави дека Србија ќе биде „најсилната земја во Европа според стапките на стимулација на раѓање“.
– Ќе одиме со измени во законот и ќе им олесниме многу работи на бремените жени и мајки, а исто така ќе одиме со големо и значително зголемување на износот за раѓање деца – за прво, второ, трето, четврто дете – рече Вучиќ. (ТВ Пинк)

Приштина – Вчера во Косово беше ден на жалост, во чест на жртвите од завчерашната автобуска несреќа во Хрватска, во која животот го загубија десет луѓе. Автобусот со косовски регистарски таблички, кој сообраќаше на релацијата Франкфурт – Приштина, во неделата наутро излета од патот и се преврте во близината на Славонски Брод. („Хина“)

Подгорица – Со венчавката на две девојки во Црна Гора е склучен првиот истополов брак.
Според зборовите на локалните власти во Будва, на партнерките им се предочени правата и обврските во согласност со црногорскиот закон. Црногорскиот парламент кон средината на 2020 година го усвои Законот за истополово животно партнерство, кој стапи во сила на 15 јули годинава. Досега за склучување брак се пријавија дваесетина ЛГБТИ-двојки. („Побједа“)


Бисер балкански

Приказната за Никола Тесла

– Да останеше Тесла овде, тогаш и Хрватите и Србите од село ќе зборуваа за синот на поп Никола, кој „збудалел“ од читање книги и сега ги сака гулабите и зборува за громови… Тесла беше генијалец. Тесла е човекот што го создаде 20 век. И Тесла би бил човек кому ќе му се исмеваа да останеше во своето село. Хрватите и Србите истовремено. Дури кога стана голем и познат, тогаш стана и овде прифатлив – како, впрочем, што се случува со великаните во земјите што негуваат просечни луѓе. Реално, ако си роден во село кај Госпиќ во 1856 година и си интелигентен, имаш три можности – да бидеш свештеник, чиновник или учител. Тоа што успеа Тесла е заслуга на неговите родители, кои вложуваа во неговото образование. Приказната за Тесла има многу малку врска со неговата татковина и нација – пишува Горан Војковиќ во својата колумна објавена на „Индекс хр“, по повод последното надмудрување меѓу Србија и Хрватска за потеклото на познатиот и светки научник Никола Тесла, чиј лик ќе се најде на монетите од едно евро по неговото воведување во Хрватска.