Белград – Вчера се навршија 20 години од големите демонстрации во Белград на 5 октомври 2000 година, со кои заврши владеењето на Слободан Милошевиќ, но официјалното одбележување на годишнината не е најавено ниту од политичките партии што учествуваа во организацијата на демонстрациите.
Демонстрациите во Белград избија откако Милошевиќ одби да ги признае резултатите од изборите за претседател на СР Југославија. На изборите на 24 септември 2000 година, Милошевиќ загуби од кандидатот за ДОС и лидер на Демократската партија на Србија (ДСС) Воислав Коштуница. („Данас“)

Загреб – Пеѓа Грбин е четвртиот претседател на највлијателната опозициска Социјалдемократска партија (СДП) во Хрватска, на местото на Давор Бернардиќ. Грбин рече дека СДП, без оглед на тоа кој гласал, ќе биде обединета и ќе работи за иднината на Хрватска. Основач на СДП беше Ивица Рачан, го наследи сегашниот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, а по него беше Давор Бернардиќ.
(„Јутарњи лист“)

Подгорица – Помошник-министерот за здравство, Миро Кнежевиќ, предупреди дека епидемиолошката состојба во Црна Гора е крајно сериозна, поради што сè уште се во сила новите мерки.
– За седум до десет дена треба да ги видиме ефектите од мерките, под услов да ги почитуваме мерките – рече Кнежевиќ и додаде дека сè зависи од самите граѓани. (РТЦГ)


Бисер балкански

Приватни авиончиња

Во Босна и Херцеговина има регистрирано 91 цивилно летало, од нив 32 се во приватна сопственост, а другите ги поседуваат аероклубовите. Пред седум години во земјата биле регистрирани 77 летала, од нив 20 биле приватни и еден хеликоптер, објави порталот „Независне“.
Авионите што ги поседуваат граѓаните се со ограничени перформанси и тие пилотираат со помали авиони, жирокоптери и едрилици. Вредноста на овие летала е приближно на цената на подобар автомобил.
– Сите приватни летала се со пристапни цени. Солиден четирисед може да се купи од 40.000 до 50.000 евра – вели Омер Кулиќ, експерт од областа на авијацијата.
Помали летала може да се купат преку интернет, а целосната обука за летање чини околу 10.000 евра.