Белград – Јавниот превоз во Белград почнува да функционира од 8 мај. За да го користат овој превоз, граѓаните ќе мораат да носат заштитна опрема, маска и ракавици. Обврска на возачот и на контролорите ќе биде да не дозволуваат влез на граѓани во автобусите ако немаат заштитна опрема. Доколку не го сторат тоа и му прогледаат, ќе се соочат со казна и до три години затвор. Возилата од јавниот превоз во Белград ќе имаат обележано кои седишта може да се користат, а кои треба да останат празни, а ќе бидат маркирани и позициите на кои ќе може да се стои. („Новости“)

Загреб – Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, изјави дека за време на нивното претседавање со Европската Унија, темата за Западен Балкан повторно се вратила на дневен ред. „Отворањето на преговорите со Албанија и со Македонија е голема работа“ – изјави Пленковиќ.
(„Политико“)

Белград – Претседателот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, вчера беше изнесен од Парламентот на Србија, откако на почетокот на седницата влегол во салата со свирче и почнал да свири покрај говорницата. (Н1)


Бисер балкански

Претседателот како англиската кралица

– Во согласност со уставната положба за непартиски авторитет, претседателот на Републиката има надлежност да ги распише парламентарните избори. Самиот претседател не може да учествува на парламентарните избори, освен како обичен граѓанин да гласа, а ни тоа не би требало. Вучиќ како шеф на државата би требало да го следи примерот на англиската кралица, која како шефица на државата воопшто не го користи своето активно избирачко право – како граѓанин да го уфрли ливчето во гласачката кутија.

Самото нејзино излегување на избирачките места би создало впечаток за нејзината партиска пристрасност, иако не би се знаело кон која партија се насочени нејзините политички симпатии – рече Марко Павловиќ, професор на Правниот факултет во Крагуевац, кој предупредува дека претседателот на Србија Александар Вучиќ наместо да се држи до претседателската неутралност, секојдневно е во кампања за избор на народен пратеник, со што ги крши повеќето одредби во Уставот.