– Сега е во тек предизборна кампања и власта сака да претстави пред јавноста дека сѐ е убаво, мирно и безбедно. Пред две ноќи видов бескрајни колони автобуси паркирани во центарот на Белград. Некој донел многу луѓе на предизборен собир. Тие „несреќници“ беа изложени на голема опасност од заразување во автобусите, многу повеќе отколку на отворен простор. Изборните собири се непотребен ризик. Постои нешто што е нужно, а тоа е да се вратат работниците во фабриките и во канцелариите. Економијата не може да издржи толкава празнина, но сите други собирања се луксуз – истакна Зоран Радовановиќ, епидемиолог и професор во пензија, во изјава за агенцијата „Бета“.

Во изјавата тој повикува партиите да престанат со организирање големи предизборни собири, затоа што во последниот месец бројот на новозаболени од коронавирусот не покажува дека епидемијата во Србија е во опаѓање.

Софија – Вонредната состојба во Бугарија ќе продолжи до крајот на јуни, објави вчера премиерот Бојко Борисов во Советот на министри. Главниот државен санитарен инспектор Ангел Кунчев побара продолжување поради зголемениот број случаи на зараза со новиот коронавирус, утврдени во последните денови во општините Родопи и Сливен. („Дневник“)

Брисел – Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи изјави дека Западен Балкан е голем предизвик и голем приоритет за Европската Унија и оцени дека Европската комисија успеала повторно да воспостави кредибилитет на Унијата во регионот. Вархеи најави дека ЕУ наесен планира економски и развоен инвестициски план за Западен Балкан.
– Целта е Западен Балкан посилно да се поврзе со економиите и општествата на ЕУ – посочи Вархеи, додавајќи оти сите балкански земји сакаат да ѝ се придружат на Унијата. („24 часа“)

Атина – Речиси половина од Грците сметаат дека невработеноста е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата, а девет од десет анкетирани одговараат дека треба на туристите да им се прави тест за ковид-19, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алко“. (МИА)