Приштина – Стотици полицајци учествувале во рација во селото Карачево на границата со Србија. Полицијата уапсила најмалку 35 лица осомничени за нелегално коцкање, проституција, трговија со луѓе и поседување дрога и оружје. Најмалку 10 лица се уапсени од редовите на граничните полицајци, кои наводно помагале во незаконските активности што се одвивале преку границата меѓу Косово и Србија. Во акцијата биле демолирани 12 нелегални казина, а полицијата запленила голем број машини за коцкање, соопшти полицијата. Во борбата против криминалот, Косово минатата година забрани коцкање. („Канал 5“)
Атина – Ураганот Јанош, кој ја погоди Грција, ја однесе и третата жртва во Тесалија во централниот дел на земјата. Жртвата е постар човек, кој загинал кога покривoт од неговата куќа паднал врз него. Рекордни количества дожд паднаа и во градот Хераклион на Крит, што доведе до затворање на мостовите.
Поголемиот дел од улиците во градот се поплавени, а речиси сите локали се под вода. („Катимерини“)


Бисер балкански

Првата сосетка на Тито

– Немаше никакво одрекување. Напротив, беше тоа чувство на ослободување од „терор“ на партиските полтрони и манипуланти, одбрана од перење на мозокот и виткање на ’рбетот. Почнувајќи од 1971 година, по паѓањето на либералите, и чистка на способните и реформи свртени кон политичари и стопанственици во цела Југославија, особено во Србија. Ми стануваше јасно дека мојата земја станува бара полна со нискоразредни партиски трабанти, со остарениот Тито на чело. Тогаш се одлучив да ја напуштам безбедната и комотна работа во еден институт и да станам адвокат. Тоа беше единствена професија, за правници, со дух на самостојност и слобода. Моите родители живееја во страв дека ќе завршам во затвор или во бездна. Но ме поддржуваа секогаш за мојот морален интегритет – изјави Тања Петовар, белградска адвокатка и активистка, која беше една од првите соседи на Тито на Дедиње, во разговор за „Ал џезира“ за тоа како е да се биде бунтовник во еднопартискиот систем. Таа е една од главните протагонисти во документарниот филм „Галеб“, прикажан на фестивалот во Пула.