Приштина – Поранешниот главен судија на ЕУЛЕКС, Малком Симонс, изјави пред косовското собрание дека една од мисиите на ЕУЛЕКС била „елиминација на големи риби“ од политичкиот живот на Косово. Симонс преку видеоврска им соопшти на членовите на Комисијата за законодавство на косовското собрание дека ЕУЛЕКС, наводно, доставил голем број документи до српското обвинителство, за злосторствата во Косово, за нивните сторители и изјавите на сведоци од албанска националност. (РСЕ)

Атина – Владата на Мицотакис не само што се покажува неспособна да управува со ваква критична ситуација туку е и опасна, бидејќи ги става идеологиите, интересите, профитот над животот на луѓето, порача лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас.
– Од Солун сакам да испратам една јасна порака: работите се премногу сериозни за да го оставиме господинот Мицотакис да го подели и распарчи грчкото општество. А пораката што ја испраќаме денес е: До тука! Доста е! Немаме право да дозволиме, не можеме и нема да дозволиме лагите, репресијата и корупцијата да станат нормалност во земјата и да продолжат безгрижно да уживаат во летни викенди со 13.000 мртви во земјата – порача Ципрас. (МИА)

Софија – Лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, влезе во директна конфронтација со втората партија произлезена од протестите против владата на Борисов, Демократска Бугарија. Иако лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, не го соопшти својот став во однос на можноста за соработка со партијата на Трифонов, тој го критикуваше изборот на кандидати, особено на мандаторот, укажувајќи дека составот му е чуден и му мириса „сарајот на Ахмед Доган“, контроверзниот поранешен лидер на партијата на Турците – ДПС, која се поврзува со сериозни корупциски скандали. („360 степени“)


Бисер балкански

По Софија, можна блокада од Париз!

– Доколку Бугарија по одржаните парламентарни избори ги укине блокадите кон Северна Македонија, тоа ќе создаде позитивна атмосфера, но не можеме да бидеме сигурни дека нема да се појават нови блокади. Голема пречка би можеле да бидат претседателските избори во Франција. Париз би можел да стане проблем – изјави Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, за „Јуропиен Вестерн Балканс“.
На прашањето каква порака се испраќа на регионот, а особено кон Србија и Косово, кога Македонија не беше наградена за сето тоа што го направи за да се укине блокадата на Грција, Бибер вели дека пораката е „да заборавите на тоа“!
Зошто Србија и Косово би постигнале договор доколку не постои награда за тоа. Би рекол, тоа особено важи за Србија, каде што поддршката за влез во ЕУ од година на година опаѓа, а Владата нема да сака да ѝ се приклучи на Унијата, затоа што се грижи однапред да се унапреди владеењето на правото – изјави Бибер.