Тирана – Мини-шенген е голема работа за регионот, а идејата за „голема Албанија“ е глупост сама по себе, рече албанскиот премиер Еди Рама во интервју објавено денеска за „Еуроњуз Србија“.
Запрашан за мислење за најавата на Приштина дека ќе поднесе тужба за геноцид против Србија, албанскиот премиер не одговори директно, велејќи дека станува збор за многу комплицирано прашање од аспект на правната содржина и дека неговата позиција е да се концентрира на решавање на конфликтот и иднината. („Локално“)

Подгорица – Горан Јандреоски, кандидат од Македонија, е избран за нов извршен директор на Аеродромот во Црна Гора, поради богатото работно искуство во воздухопловството, соопштија од компанијата
– Комисијата, што се состоеше од членови на управниот одбор на аеродромот и претставник на Министерството за капитални инвестиции, го избра Јандреоски по конкурс и интервјуто, врз основа на неговата богата професионална биографија – се вели во соопштението на компанијата.
Јандреоски беше директор на Управата за цивилно воздухопловство во Македонија, како и на високи раководни позиции на аеродромот во Скопје. („Независен“)

Љубљана – Првиот претседател на Словенија, Милан Кучан, изјави дека очигледно постои нонпејпер за можна промена на границите на Балканот, иако во Словенија негираат дека стојат зад него. Сега излезе дека во Брисел е познато кој е неговиот автор, како и на содржината, но не сакаат да ги откријат поради погубниот ефект врз меѓународните односи, изјави Кучан.
Кучан додал дека Словенија не може да има поинаков став од оној со кој го започна процесот на независност на државата, дека сите републики имаат право на нивни држави и оти распадот на Југославија треба да заврши во постојните граници. (РСЕ)


Бисер балкански

Поголема заштита на жените

– Гонењето на сексуалното вознемирување по службена должност е од голема важност, зашто тоа досега беше по приватна тужба. Многу жени ни имаат храброст ни пари да го истераат целиот процес на свој грб. Сега државното обвинителство го презема казнениот процес. Тоа е одлично – вели Нева Толе, активистка во Автономната женска куќа, за најновите измени во законот преземени од Собранието на Хрватска.
Таа ја поздравува и одлуката за укинување на застареноста на половото злоупотребување деца, бидејќи жртвите за тоа не проговоруваат за тоа до поголема возраст, пишува Радио Слободна Европа.