Атина – Од вчера грчката влада ги засилува превентивните мерки против ширењето на коронавирусот. Како што беше и претходно најавено, ќе бидат во сила една недела, кога ќе бидат затворени фризерските салони, книжарниците и некои други продавници. Грчките медиуми пренесуваат дека целта е да се стави контрола на пандемијата за да може училиштата да отворат на 11 јануари. (АНА-МПА)

Белград – Претседателот на српскиот парламент, Ивица Дачиќ, изјави дека Србија нема да дозволи БиХ да ја признае независноста на Косово.
– Нема да дозволиме никому да ја оспорува Република Српска, да бара нејзино укинување или да бара БиХ да ја признае независноста на Косово. Досега не сме толерирале и нема да го направиме ниту во иднина – истакна Дачиќ. Претходно, српската влада ѝ се закани на Босна и Херцеговина со распаѓање, доколку ја признае независноста на Косово. (СРНА)

Подгорица – Одлуката на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, да ги врати законите донесени од Собранието на седницата на 29 декември, на повторно одлучување, предизвика бурни реакции во земјата.
– Враќајќи го законот на ново гласање, Ѓукановиќ си даде жолт картон. Ако го прекрши Уставот, ние ќе го смениме – напиша црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ на својот твитер-профил.


Бисер балкански

Повоспитана кохабитација

– За да го добиете очекуваното почитување, и нормална кохабитација, почитувајте ги уставните надлежности и потрудете се повоспитано да комуницирате. Вие не сте повикани дали сум го прекршил Уставот. Тоа нека го проверат од надлежната институција – Уставниот суд. Но за нив изгледа и собранискиот деловник е непознато четиво – рече Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора, за неговата одлука да не ги потпише новите закони што ги донесе новоизбраната влада, а меѓу нив и измените на Законот за слобода на вероисповед. Премиерот Здравко Кривокапиќ за одлуката на претседателот на државата рече дека „Ѓукановиќ не се грижи за државата, доколку тој не е нејзин сопственик“.