Белград – Припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија во соработка со американската агенција ДЕА и бугарската полиција, запленија 22 килограми хероин и уапсија седумчлена организирана криминална група.
Според полициските податоци, оваа група во текот на изминатата и оваа година шверцувала хероин од Турција, кој потоа го продавала во Бугарија, САД и во Србија. („Новости“)

Приштина – Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, упати честитки до Израел и до Косово за официјалното воспоставување дипломатски односи, оценувајќи дека се работи за „историски ден“. Од друга страна, пак, Турција денеска ја критикуваше посветеноста на Косово за отворање амбасада во Ерусалим, велејќи дека тоа ги прекршува резолуциите на Обединетите нации и меѓународното право. (Б92)

Белград – Меѓупартискиот дијалог во Србија ќе продолжи во март, изјави претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, по разговорот со претседателот на Комитетот за надворешна политика на ЕП, Дејвид Мекалистер. Со Мекалистер е постигнат принципиелен договор за продолжување на дијалогот и во следните десет дена ќе бидат договорени темите, начинот на работа и форматот. Во дијалогот повторно ќе бидат вклучени Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, како претставници на Европскиот парламент. (РТС)


Бисер балкански

Планетата Марс на општински грб

– Планираме да поставиме видеобим на кој ќе го следиме преносот од НАСА, исто како и при лансирањето, ќе ги собереме децата и заедно ќе го следиме овој настан. Сакаме на овој настан да се вклучат три универзитети во Бања Лука, Сараево и во Мостар и да ги поврземе младите луѓе и студенти што се занимаваат со наука. Општината, за жал, не е способна сама да го спроведе ова и се надеваме дека министерството и другите организации ќе ни помогнат во оваа идеја. Во тек е избор на нов грб и симбол на Општината, а еден од предлозите што влезе во потесниот избор би го имал и симболот на Марс, што ќе придонесе и за туристичката промоција на Општината – вели Снежана Ружичиќ, началничка на Општината Језеро, во Република Српска, по чие име е именуван еден кратер на Марс.
НАСА во јуни лани лансира сателит чие слетување на кратерот Језеро на Марс е планирано на 18 февруари. Локалната заедница, во рамките на своите можности и епидемиолошка состојба, се подготвува да го одбележи овој настан, пренесе „Србија данас“.