Подгорица – Во Црна Гора, во областа помеѓу Голија и Бањан, каде што има неколку активни пожари, се трага по пет лица, објави денеска Службата за заштита и спасување на Никшиќ.
Во тек е операција за пребарување и спасување врз основа на координати. Во Никшиќ има неколку активни пожари – на Граница, Бршно, Буљавице, Кучки брдо, Планиник, Трепча, Његош, Враченовиќи и Седли.
– Ги молиме граѓаните да се грижат за користењето оган на отворено и секое сомнително однесување во врска со пожарот да го пријават во нашата единица или во полициската управа – соопшти Славко Тадиќ од Службата за заштита и спасување во Никшиќ. (РТЦГ)

Загреб – Годината на пандемијата во Хрватска ќе биде запаметена по драматичниот пад на БДП, но и по рекордниот раст на заштедите на граѓаните. Според податоците на Хрватската национална банка, стапката на штедење на домаќинствата во Хрватска во 2020 година изнесувала 14,4 проценти. Воведените епидемиолошки мерки го оневозможија трошењето на некои стоки и услуги, а потрошувачката дополнително се намали поради претпазливоста на самите граѓани. („Хина“)

Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета потсети на 8 август 1991 година кога околу 20.000 албански граѓани запоседнаа брод и стигнаа на италијанскиот брег, во потрага по слобода и надеж „покажувајќи му на светот за трагедијата и бедата на најугнетените и најизолираните луѓе на европскиот континент“.
Тој додава дека ова е ден на сеќавање, што „повикува на размислување и делување“ и нагласи дека „депопулацијата е најголема драма што ѝ се случува на Албанија“. („Алсат“)


Бисер балкански

Од љубов до омраза

– Ѓорѓе Марјановиќ, еден од најпопуларните пејачи во поранешна Југославија, имаше музички хит „Од љубов до омраза“. Оваа песна го отсликува и односот на српските навивачи кон спортистите. Еден ден за нив спортистите се најдобри на свет, а веќе следното утро, по првиот пораз, тие се губитници, предавници… Така е со Никола Јокиќ, најдобриот кошаркар во НБА, така е и со српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по настапот на Олимписките игри. Така беше и по поразот на ватерполистите од Хрватска. На „дежурните критичари“ им предлагам да се обидат да бидат најдобри во џамлии во својата улица. Можеби и во плукање во далечина. Сигурен сум нема да успеат – коментар објавен во „Данас“ за однесувањето на незадоволните Срби, за нивните критики по поразот на домашни спортисти, но и за величањето до небо кога освојуваат медали.