Тирана – Албанската обединета опозиција на парламентарните избори ќе настапува под слоганот „Демократска партија – алијанса за промени“. Освен Демократската партија на Љуљзим Баша, во ова изборна коалиција се уште 13 партии, меѓу кои и партијата Нов демократски дух, на поранешниот претседател Бамир Топи, кој претходно беше член на Демократската партија, Републиканската партија на Фатмир Медиу и партијата на албанските Грци, Партија обединување за човекови права на Вангел Дуле. Во оваа изборна коалиција го нема најголемиот сојузник на демократите, партијата Движење за социјалистичка интеграција (ЛСИ) на Моника Круемади, која одлучи на изборите да настапува самостојно, но е договорена постизборна коалиција.
Од владејачката Социјалистичка партија нема потврда дали на изборите ќе настапат самостојно или во коалиција, освен што пред два дена лидерот Еди Рама рече дека се во „изборна коалиција со народот“. („24 часа“)

Атина – На вчерашниот протест на грчките студенти беше побарано да се отворат факултетите, да не се воведува универзитетска полиција и да не се имплементира новиот закон за високо образование, изгласан во парламентот.
– Преку нашата колективност и организација ќе ја продолжиме нашата борба за законот да остане на хартија и да се вратиме на факултетите – соопштуваат од студентските здруженија што го организираа протестот во Атина.


Бисер балкански

Оглас за претседател на државата

– Идејата за избор на единствен кандидат на опозицијата за претседател на државата, кој ќе биде непартиска личност, е подобро решение од сегашната поделба, но кој и да дојде нема да има вистинска моќ без силна поддршка на Запад или некоја странска сила. Опозицијата треба да има еден кандидат, само што не верувам дека тие можат да се договорат поради своите суети, неорганизација и отсуство на поддршка однадвор – вели Лука Максимовиќ, попознат како Љубиша Бели Прелетевиќ, кој на последните претседателски избори во 2017 година, како независен кандидат, беше трет по освоените гласови на граѓаните.
Иницијативата на порталот „Нова.рс“, кој отвори јавна анкета за предлагање кандидати за избор на претседател на Србија, тој ја смета за подобра од тоа партиите во опозицијата да предлагаат свои кандидати.