Белград – Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, изјави дека заштитните маски ќе мора да се носат најмалку уште од три до шест месеци, пред сѐ затоа што некои луѓе не можат да ја примат вакцината поради здравствени причини. Тој посочи дека ако се постигне целта три милиони повторно да бидат вакцинирани до крајот на јуни, од јули земјата може да се надева на нормализирање на животот, вклучувајќи го и одржувањето свадби. (РТС)

Љубљана – Во Словенија вчера започна масовна вакцинација против коронавирусот на граѓани на возраст од 18 до 50 години. Словенечкиот премиер Јанез Јанша изјави дека масовната вакцинација е овозможена со поголеми количества испорачани вакцини и воведување централизирана платформа за регистрација и евиденција на вакцинирани. Во Словенија досега повеќе од 20 проценти од вкупното население примиле една доза вакцина. („Индекс“)

Атина – Сите ученици од основните и од средните училишта во Грција, од вчера се враќаат во училишните клупи, а со себе треба да имаат задолжителна потврда со негативен резултат од направен тест за домашна употреба, како и со задолжителна употреба на маски. Враќањето во училишните клупи, овој пат е поразлично, со оглед на тоа дека тестовите за домашна употреба се задолжителни како за учениците така и за наставниците и професорите, и тоа двапати седмично, а без соодветна потврда не е дозволен влез во училиштата. („Независен“)


Бисер балкански

Нонпејперот можен патоказ!

– Србија не смее да биде заложник на неразумните, кои и да се тие. Ако нема договор со косовските Албанци, што може да биде освен трагедија? Да бидеме реални. Косовскиот нонпејпер е максимумот од тоа што Србија, евентуално, може да го добие. Никој не добива сѐ и никој не губи сѐ. Еднакво задоволни, еднакво незадоволни. Тоа е суштината на секој компромис. Нонпејперот, секако, не е официјален предлог на ЕУ и на САД. Не е предлог, но може да биде можен патоказ кон решавање на косовскиот јазол. Косовскиот нонпејпер е реплика на некогашниот план „З-4“ за Српска Краина, кој беше одбиен од водачите на Србите во Хрватска и од Милошевиќ и сите партии во Србија и врвот на СПЦ… За прифаќањето на планот „З-4“ беше само „предавничката“ СПО. Заборавивме ли што следуваше – вели Вук Драшковиќ во авторскиот текст за „Курир“ за последните неформални предлози за решавање на српско-косовскиот спор.