Сараево – Повеќе од 26.000 лица ја изгубиле работата во Босна и Херцеговина по воведување на мерките против ширење на коронавирусот. За да можат да ја искористат финансиската помош од државата, тие мораат да се пријават во одреден рок, но граѓаните се жалат дека системот за електронска пријава за невработени не функционира. Најголем притисок има во службата за вработување во кантонот Сараево. (Ал џезира)

Тирана – Европска Унија ѝ одобри фонд од 15 милиони евра за изградба и реконструкција на училишта урнати или оштетени од земјотресот, кој ја погоди Албанија на 26 ноември минатата година. Еден ден откако ЕУ одобри фонд во износ од 115 милиони евра за обнова на Албанија, канцеларијата на ЕУ во Тирана и албанската влада ја потпишаа програмата „ЕУ за училиштата“, со фонд од 15 милиони евра, кој ќе биде наменет за обнова на 22 училишта, каде што настава следат околу 7.500 ученици. (РСЕ)

Атина – Привремената забрана за летови од Италија, Шпанија, Турција, Велика Британија, Холандија и Германија кон Грција и обратно е продолжена за еден месец, односно до 15 мај 2020 година, соопштија од Службата за цивилно воздухопловство на Грција. Од забраната, воведена заради заштитата од ширење на ковид-19, исклучок се само пристигнувања и заминувања од и кон Германија од атинскиот аеродром. Продолжува и привремената забрана за влез во Грција на државјани од трети земји, односно граѓани од земји што не се членки на ЕУ. (МИА)


Бисер балкански

Новинарка – „непријател бр.1“

– Пријателот ми испрати принтскрин од телефонот на кој неговото дете играло некоја популарна видеоигра, каде што на секои десет минути се јавуваше платен оглас со моето име, фотографија и порака дека работам против интересите на Србија. Истиот оглас им се јавуваше и на луѓето што пребаруваа други содржини преку интернет на кои се јавуваше огласот испратен преку социјалните мрежи.

Ова го доживувам како отворен повик за линч и прогласување лов против мене како државен непријател бр.1 – изјави Ана Лалиќ, новинарка на порталот „Нова.рс“, која беше уапсена од српската полиција по пишувањето дека Клиничкиот центар во Војводина не располага со доволно медицинска опрема и материјал за справување со епидемијата на коронавирусот.
Новинарката две недели по објавувањето на текстот се соочува со закани и повици на прогон на социјалните мрежи, поради што најави поднесување тужба против сите медиуми и портали што отворено објавуваат текстови со заканувачки пораки против неа.