Софија – Во Бугарија продолжуваат антивладините протести. Седумнаесетти ден по ред демонстрантите што бараат оставка од Владата и државниот обвинител се собраа во Софија на протест. Граѓаните протестираа во непосредна близина на зградата на Националното собрание и пред претседателството, извикувајќи „Оставка“. Демонстрантите фрлаа тоалетна хартија кон зградата на бугарската влада. Под притисок на јавноста, премиерот Бојко Борисов ја реконструира Владата, но демонстрациите продолжуваат со барање оставка од целата влада. („Капитал“)

Подгорица – Речиси половина од хотелите во Црна Гора не работат и прашање е дали воопшто ќе се отворат оваа година. Приходите од туристичката економија на Црна Гора во јули годинава ќе изнесуваат само околу 10 милиони евра, за разлика од истиот месец минатата година, кога тие изнесуваа 280 милиони, што е пад од околу 96 проценти. Минатата година во јули беа реализирани околу 3,7 милиони ноќевања во сите типови сместувања, додека оваа година ќе има само околу 200 илјади. Вкупниот број туристи во јули се очекува да достигне до 50.000, со просечен број на ноќевања од четири дена и просечна дневна потрошувачка до 50 евра. („Вијести“)


Бисер балкански

Не пие дожд

– Јас пред 13 години, кога беше невремето, реков дека ќе го фаќам снегот. Јас, за жал, толку дожд не можам да испијам. Пролетните и летните поројни дождови се нормална појава, но не може да се предвидат повеќе од 80 литри на квадратен метар – изјави Милан Бандиќ, градоначалник на Загреб, за невремето што се случи викендот и го поплави главниот град на Хрватска.
За критиките од граѓаните дека градските власти не успеале да се справат со поплавените улици, Бандиќ рече дека загрепчани очигледно го налутиле Господ, затоа што годинава се соочија со корона, земјотрес и поплава. Тој објасни дека невремето што ја зафати Хрватска предизвика големи проблеми, но потсети дека тој направил најмногу од сите градоначалници во последните сто години кога станува збор за изградба на градската инфраструктура.