Загреб – Присуството на птичји грип е регистрирано на фарма за мисирки во областа на округот Копривница-Крижевци. Пронајдениот вирус припаѓа на поттипот Х5Н8, за кој сè уште не е утврдено дека предизвикува инфекција кај луѓето, односно дека има зоонозен потенцијал. Фармата е ставена под надзор на ветеринарната инспекција на Државниот инспекторат. („Индекс“)

Атина – Грција од вчера воведе регионална блокада во вториот по големина град Солун, како и во Лариса и областа Родопи по растот на бројот на заразени од ковид-19. Земјата бележи значително помал број на ковид-19 од другите земји во Европа, но случаите рапидно растат од почетокот на октомври. Во средата, Грција регистрира 1.547 нови случаи, што е најмногу за еден ден. Бројот на починати достигна 615. (МИА)

Љубљана – Словенечкиот премиер ги поддржа Унгарија и Полска во конфликтот со ЕУ и исто така го осуди механизмот за поврзување на обезбедувањето средства на Унијата за почитување на владеењето на правото.
– Само независно судско тело може да каже што е владеење на правото, а не политичкото мнозинство – напиша Јанез Јанша во писмото испратено до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. („Алсат“)


Бисер балкански

Не оставаjте нѐ на Европејците

– Да не беа Доналд Трамп и Гренел, којзнае каде ќе бевме денес? Јас сум во фаза во која тоа што порано им го велев на некои луѓе „не оставајте нѐ на Русите“, сега сум повеќе за „не оставајте нѐ на Европејците“. Со должна почит, Бугарија сега го блокира почетокот на преговорите со Македонија. Новата политика на проширување и начинот на одлучување во ЕУ се толку сложени, така што јас ја губам довербата за сето тоа. Не можам ни да замислам што ќе ни прави Хрватска кога ќе почнеме да се приклучуваме на ЕУ – изјави Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлантски студии (ЦЕАС).