Белград – Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали, претстави сет од четири економски закони и најави исплата на 20 евра во декември за полнолетните граѓани на Србија.
Мали им го претстави на пратениците Законот за изменување и дополнување на Законот за привремениот регистар на полнолетните граѓани на Србија, на кои им се исплаќа финансиска помош за ублажување на последиците од пандемијата на коронавирусот. (РТС)

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама, во интервју за шпански „Ел паис“, вели дека „веќе не очекуваме ништо од Европската Унија“.
– Научивме, по потешкиот пат, да не очекуваме ништо, бидејќи видовме дека Европа не е во многу добар момент, има многу внатрешни проблеми и проширувањето не се чека со ентузијазам – изјавил Рама за самитот. („Алсат“)

Подгорица – Претседателот на Нова српска демократија и еден од лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ, рече дека Владата на Црна Гора не заслужува преодна оцена, додавајќи дека 41 пратеник на владејачката коалиција сметаат дека сегашната ситуација е неодржлива. Мандиќ изјави дека Владата во овој состав ја нема поддршката.
– И оттогаш, до денес, имаме разговори, преговори, се зголеми бројот на политички субјекти, кои исто така изразија незадоволство од работата на Владата – истакна Мандиќ. (РТЦГ)


Бисер балкански

Неолиберална корона

– Примерите на неолибералната доктрина во борбата против ковидот се видливи во Србија во оваа 2021 година. Уште повеќе, Србија може да биде и мека на неолибералниот концепт, бидејќи доследно и без оглед на последиците, се спроведуваат некои методи што се инспирирани од неолибералните вредности. Еден од стандардите на овој концепт е што помало влијание на државата во случувањата, односно нејзината функција е само да се овозможи непречено функционирање на т.н. слободен пазар. Да не се меша во својата работа, туку да му овозможи на приватниот капитал, најчесто крупниот, максимално да профитира – пишува Пеѓа Поповиќ во колумна објавена во „Данас“, осврнувајќи се на однесувањето на Кризниот штаб за спречување на ширењето на коронавирусот во Србија, која има најголем број новозаразени лица од коронавирусот во светот на милион жители.
Кризниот штаб не донесе дополнителни мерки и покрај советите на епидемиолозите за заострување на здравствените протоколи.