Панорама / Некаков или „никаков“ мини-шенген!

Тирана – Во Албанија минатата недела беше регистрирано највисокото ниво на морталитет како последица од ковид-19. Од 16 до 22 февруари животот го загубиле 114 лица, а притоа е регистрирана и најмладата жртва во земјата, 18-годишник. Дневниот просек на смртни случаи во последната недела е 16 лица. Минатиот петок беше денот со најголема загуба на животи, вкупно 19. (Сител)

Подгорица – Владата на Црна Гора може да им дозволи на своите граѓани двојно државјанство – црногорско и српско, најави премиерот Здравко Кривокапиќ. Тоа сигурно ќе биде решението за еден од горчливите проблеми во односите меѓу двете земји.
Според Законот за црногорско државјанство, Црна Гора не дозволува двојно државјанство – црногорско и српско, уште од 2008 година. На припадниците на другите нации во Црна Гора не им е забрането двојно државјанство. („Побједа“)

Приштина – Бугарија е близок сојузник на Косово, а новата влада во Приштина тесно ќе соработува со Софија за европските интеграции на најмладата балканска земја, изјави Албин Курти, водачот на движењето Самоопределување. Тој за БТА изјави дека нема да мора да преговара за коалициска влада. Тој не гледа потенцијални партнери во ниту една од страните што владееле повеќе од 20 години по војната. Наместо тоа, Курти најави дека ќе побара поддршка од несрпските малцинства и индивидуалните пратеници од опозицијата. („24 часа“)


Бисер балкански

Некаков или „никаков“ мини-шенген!

– Таканаречениот мини-шенген и не е некој валиден меѓународен договор затоа што не е ратификуван од трите држави потписнички. Ако тука не е Косово како држава, па ни Црна Гора и Босна и Херцеговина, тогаш тоа не е регионален договор, туку договор меѓу Србија, Македонија и Албанија. Впрочем, и без тоа ја имаме Спогодбата за ЦЕФТА за слободна трговија, функционирање на режимот на слободен граничен промет, па не е познато што е тој мини-шенген и за што служи. На државите од нашиот регион им треба членство во Европската Унија и така да бидат дел од вистинскиот шенген, а не некаков мини-шенген. Тоа на Албанците не им треба. Историјата нѐ учи дека границите во овој регион ги поставуваат европските сили, а не ние самите – вели Азем Власи, некогашен висок политички функционер во СФРЈ, а сега адвокат во Приштина и аналитичар, во разговор за „Данас“.