Атина – Во Грција, од 15 јули, кафулињата и рестораните ќе бидат отворени само за лицата со негативен тест за ковид-19 или потврда за вакцинација. Грција исто така вклучува нови барања за патување со траекти, според кои возрасните и децата над 12 години може да патуваат само со потврда за вакцинација, негативен тест за ПЦР или брз антиген тест. Сопствениците на ресторани стравуваат дека оваа мерка ќе доведе до нов банкрот на рестораните и кафулињата. Повеќе од 60 проценти од Грците постари од 60 години веќе се имунизирани против ковид-19. Целта на Владата сега се млади луѓе. Сепак, нивниот интерес за имунизација останува мал, дури и откако властите понудија бонус од 150 евра доколку се вакцинираат. („Фактор“)

Тирана – Пратеничката во албанскиот парламент и поранешна заменик-министерка за внатрешни работи Елона Ѓебреа ќе ја предводи делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ на изборите во Бугарија што ќе се одржат на 11 јули 2021 година. ОБСЕ ѝ довери уште еден меѓународен изборен предизвик на албанската пратеничка Елона Ѓебреа. Тоа е важна позиција за парламентарните избори во Бугарија, во време кога овој процес се повторува за неколку месеци поради тамошната внатрешна политичка клима. („Балкан веб“)

Белград – Членот на Кризниот штаб на Србија, епидемиологот Предраг Кон, рече дека oд новата делта-варијанта на ковид-19 најзагрозени се младите луѓе што не се вакцинирани. Тој додаде дека симптомите сега се нешто послаби, но исто така и дека не може да тврди дека смртноста е помала. Тој наведува дека во Србија сè уште не е постигнат имунитет, а во Белград се вакцинирани над 80 проценти од граѓаните во категоријата постари од 65 години. (РТС)


Бисер балкански

Незаборавно патување со воз до Бар

Патувањето со воз на релацијата Белград – Бар може да претставува незаборавна авантура за патниците што сакаат да летуваат на брегот на Црна Гора. Медиумите во Србија ги пренесуваат изјавите на туристите што во саботата патувале повеќе од 28 часа за да стигнат до својата крајна дестинација.
– Патувавме повеќе од 21 час, наместо планираните 11 часа. Требаше да тргнеме во 21 часот, а во старт доцневме половина час. Во Бар требаше да стигнеме во осум часот наутро, но стигнавме по 18 часот. До Бока Которска патувавме околу 28 часа, а мораше два часа порано да се натовари автомобилот на возот. Ова е нереално патување со воз – изјави патничката Џина.
Патниците велат дека возот повеќепати застанувал по два-три часа. Но кај Пријепоље локомотивата целосно откажала. За долгото патување патниците добиле сендвичи на сметка на железницата, но и тие доцнеле при доставувањето!