Тирана – Во просек, годишно од албанското државјанство се откажуваат над 700 лица, кои главно живеат и работат во земји како Германија, која не признава двојно државјанство.
Пандемијата имаше свое влијание и на овој план, за што потврдуваат податоците објавени од Институтот за статистика (ИНСТАТ), според кои од државјанството на матичната земја се откажале 513 лица, што е за 228 помалку споредено со претходната година – пренесува Ора њуз.
Според ИНСТАТ, пад бележи и бројката на странците што добиле албанско државјанство, и тоа за 12,8 отсто споредено со 2019 година. Лани албански пасоши обезбедиле 423 лица, главно со албанско потекло, кои живеат во други земји, наспроти 741 претходната година. („Алсат“)

Атина – Грција и Косово треба да ги зајакнат своите меѓусебни односи поради нивната долга заедничка историја, заедничката цел за мир и безбедност на Балканот и нивната заедничка иднина, изјавил косовскиот премиер Албин Курти на средба со грчкиот колега Киријакос Мицотакис во Атина.
Медиумите во Приштина пренесуваат соопштение на косовската влада, во кое се пренесува дека косовскиот премиер побарал Грција да им се придружи на земјите што ја признаа независноста на Косово. („Независен“)

Софија – Постои сериозна загриженост дека оваа нова влада ќе ја смени својата политика кон Северна Македонија, изјави лидерот на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов за радиото Фокус.
– Според нив, треба да дозволиме Северна Македонија да започне преговори, бидејќи тоа било европско. И јас го враќам прашањето на нив: За што ве избираат вас луѓето? За европски политичари или за бугарски политичари? И во полза на бугарскиот интерес е Северна Македонија да ја смени својата политика кон нашата земја – рече Красимир Каракачанов. („Република“)


Бисер балкански

Музика да, дрога не!

Полицијата од Нови Сад на првиот ден од одржувањето на фестивалот „Егзит“ запленила наркотици од 55 лица. Поради постоење на основано сомневање за извршено кривично дело неовластено држење опојни дроги, полицијата уапсила 54 лица, од нив 31 биле странски државјани, соопштија од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Министерот Александар Вулин изјави дека во согласност со законот, на „Егзит“ ќе бидат апсени и казнувани дилерите на дрога, но и консументите.
– Ќе направиме сѐ посетителите и учесниците на фестивалот да бидат безбедни и сигурни, но и граѓаните на Нови Сад. Уживајте во музика, не земајте дрога – порача министерот Вулин по првиот ден од „Егзит“.