Софија – Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, го објави извештајот од својата посета на Бугарија во ноември 2019 година. Во својот извештај, таа се фокусира главно на расизмот, нетолеранцијата и дискриминацијата, насилството врз жените и семејното насилство, како и слободата на медиумите. Комесарката смета дека се потребни и политички и културни промени во начинот на кој се третираат и се застапени малцинските групи во Бугарија, каде што говорот на омраза, дискриминацијата и непријателството кон Ромите, ЛГБТИ-заедницата и другите членови на малцинските групи остануваат причина за сериозна загриженост. („Локално“)

Љубљана – Словенечката влада одлучи да го забрани возењето велосипед од една општина во друга, освен ако некој го користи тоа како превозно средство за да стигне до работното место. Оваа информација ја соопшти министерот за внатрешни работи Алеш Хојс, откако минатиот викенд граѓаните масовно ги користеа велосипедите за рекреација и се возеа низ целата земја. Според лекарите, изминатиот викенд имале многу работа поради повреди од адреналински спортови што дополнително им ја комплицира борбата со епидемијата на коронавирусот. (МИА)


Бисер балкански

Минишенгенот не важи

– Јас објаснив и повторив дека за нас тоа беше природен и неопходен чин бидејќи Италија е и наш дом, дом на многу Албанци, и на некој начин на сите Албанци затоа што ние историски сме тесно поврзани со Италија – aлбанскиот премиер Еди Рама во изјава за вториот канал на Македонската државна телевизија објаснува зошто Албанија испратила 30 медицински сестри и доктори во Италија. Тој додаде дека каква било соработка со државите во регионот, вклучувајќи ја и Македонија, за размена на медицински персонал не е планирана.

– Нашите министри за здравство се во постојана комуникација, тие разменуваат информации, мислења, но повеќе од тоа не можеме да направиме и не гледам што би можеле да направат другите – вели Рама.
Пред корона-кризата, премиерите на Албанија и на Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, како и српскиот претседател Александар Вучиќ, беа главните иницијатори на формирање минишенген, што ќе придонесе и за подобро поврзување и помагање на земјите од регионот во време на вонредни состојби, како што беше и земјотресот во Драч!?