Љубљана – Поради подобрувањето на епидемиолошката состојба во поголемиот дел од Словенија, скијачките центри набрзо ќе бидат отворени под одредени услови, а следната недела повторно ќе почнат часовите во пониските одделенија во основните училишта и ќе се отворат пазарите и фризерските салони, објави словенечката влада. За влез во Словенија за патниците од ЕУ и шенген-зоната, Владата одлучи тие да може да влезат без задолжителен карантин или негативен тест на коронавирусот, под услов престојот да не трае подолго од 12 часа. („Индекс“)

Сараево – Припадници на специјалните полициски единици интервенираа завчеравечерта за да ги смират инцидентите што избувнаа во еден од центрите за прием на илегални мигранти во околината на Сараево. Најмалку двајца полицајци и еден вработен во Меѓународната организација за миграција се повредени во судирите предизвикани од мигранти во кампот близу Блажуј. Мигрантите оштетиле и неколку полициски возила, а има и превртени автомобили со искршени стакла. („Аваз“)

Тирана – Хашките специјални истражители ја прошируваат истрагата и во Албанија, испрашувајќи поранешни албански војници што ѝ се приклучиле на ОВК. Покана за распит добил Адем Шеху, поранешен командант на 153-та бригада, од оперативната зона Лап. (Топ чанел телевизија)


Бисер балкански

Лошите гласови против претседателот!

– Верувам дека претседателот на Србија бил во контакт со некое од тие лица не знаејќи дека тоа е под тие мерки. Претседателот еднаш изјави дека тој е со некои луѓе со кои обично разговара за фудбал. Не знам кој е. Но теоретски полицијата можела да слуша некој Вељо Неволја, а потоа да го повика претседателот и да му каже: „Немој таму, за да не биде неред“. И ете го и него во мерките. Сѐ според законот. Не гледам спорно тоа што на некои снимки е и претседателот на Србија, кога сѐ било според законот. Не знам како може да се направи државен удар со тоа. Не може никако. Би сакал тие разговори да се објават и да се види со кого разговарал Вучиќ. Пуштете ја снимката и претседателот самиот ќе се одбрани од лошите гласови – изјавил Божо Прелевиќ, адвокат, кој по настаните на 5 октомври беше министер на полицијата во преодната влада на Србија.