Софија – Заменик-претседателот на ГЕРБ, Даниел Митов, се закани со импичмент на претседателот на Бугарија, Румен Радев, доколку продолжи да го крши Уставот. Митов напиша дека Бугарија е парламентарна република и Националното собрание не прифаќа вербални наредби и изнуди од претседател или министер, а уште помалку кога станува збор за застапување преодна влада.
Претседателката на бугарскиот парламент, Ива Митева, свика вонредна седница во вторник на Националното собрание, на која ќе се расправа за полицискиот скандал со насилство врз демонстрантите во летото 2020 г. („24 часа“)

Сараево – Стотици луѓе учествуваа на третата Парада на гордоста за поддршка на ЛГБТИ-луѓето во главниот град на БиХ, Сараево. На настанот не беше забележано насилство, главно поради силното полициско присуство што ја обиколи областа со цел да спречи судири со контрадемонстрантите. Организаторите порачаа дека ЛГБТИ-луѓето се дополнително маргинализирани од почетокот на пандемијата на коронавирусот, во која починаа повеќе од 9.700 луѓе во земјата. (РСЕ)

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама објави дека во изминатиот период од годинава 23.342 новороденчиња добиле бонус за бебе. Рама наведува дека од почетокот на „оваа универзална програма“ во 2019 година 95.524 деца добиле бонус.
Со владината програмата родителите на прво родено дете добиваат бонус во износ од 40 илјади леки (околу 330 евра), за второ 80.000 и 120.000 леки за трето дете. Доколку се близначиња или тројка добиваат по ист износ. („Либертас“)


Бисер балкански

Купување гласови со три литра масло

– Новата црногорска власт прокламира дека со купувањето гласови е завршено, но по нејзиното однесување не изгледа така. Министерот за финансии објави дека најсиромашните граѓани ќе добијат по три литра масло за јадење. Овој прехранбен производ најмногу поскапе, но прашање е колку три литра масло, или околу шест евра, можат да ја поправат состојбата на најсиромашните во Црна Гора. Очигледно новата власт нема ни политичка волја ни економско знаење за да ја поправи оваа состојба. Затоа прибегнува кон проверени рецепти, но сега поимот за мизерија се издигнува на повисоко ниво – пишува Един Смаиловиќ, раководител на Народната библиотека во Бијело Поле, во авторскиот текст објавен на „Ал џезира“.