Атина – Грција не може да стане влез во Европската Унија за Авганистанците што бегаат од ескалирачките конфликти дома, изјави министерот за миграција Нотис Митарачи, повикувајќи се на заеднички одговор на ЕУ на кризата.
– Јасно кажуваме дека нема и не можеме да бидеме врата кон Европа за бегалците и мигрантите, кои би можеле да се обидат да дојдат во Европската Унија – рече Митарачи.
Митарачи ги повтори повиците за заеднички одговор на ЕУ по раздорот меѓу членките на ЕУ минатата недела околу тоа дали да бидат депортирани одбиените баратели на азил во Авганистан. (ЕРТ)

Белград – Во Србија почна вакцинирањето против ковид-19 со трета доза, објави Владата, додека во земјата повторно се зголемува бројот на новозаразени со коронавирусот. Трета доза ќе можат да примат сите граѓани откако ќе изминат 180 дена од вакцинирањето со втора доза.
Владата соопшти дека третата доза особено им се препорачува на лицата со нарушен имунитет, постарите од 70 години, вработените во здравствените установи и на оние што почесто патуваат во странство. („Новости“)

Тирана – Активисти на Движењето за демократија одржаа симболичен протест против иницијативата „Отворен Балкан“ пред владината зграда во Тирана.
Пред Владата, активистите поставија билборд со слики, меѓу кои и таа на која албанскиот премиер Еди Рама се ракува со српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесуваат албанските медиуми.
Меџит Рамуша од Движењето за демократија рече дека со оваа симболична акција тие изразуваат незадоволство од последните настани, особено постапките на Еди Рама, како и неговите контакти со српскиот претседател. („360 степени“)


Бисер балкански

Кој нѐ плаши со коронавирусот?

– Вирусот преживеал на планетата, но коронавирусот не е толку сериозна болест, без оглед на фактот што имаме многу смртни случаи. Оние што не сакаат да се вакцинираат се одлучиле за вирусот – вели епидемиологот и член на Кризниот штаб на Србија, Предраг Кон. Тој додава дека е невозможно да се избега од вирусот.
Предраг Кон за „Еуроњуз Србија“ изјави дека родителите што не ги вакцинирале своите деца треба да го знаат тоа – дека тие се одлучиле за вирусот.
На прашањето дали треба да се воведе задолжителна вакцинација, тој истакна дека тоа е прашање за адвокатите, но дека тој, како епидемиолог, смета дека е подобро луѓето да се вакцинираат и да изберат вакцина наместо вирус.