Атина – Во периферијата Атика се спроведува масовно тестирање во домовите за стари лица. Префектот на Атика, кој е и претседател на лекарското здружение, Јоргос Патулис, вели дека нивен главен приоритет е заштита на ранливите групи граѓани, особено на оние што се згрижени во домовите за стари лица. Во Солун во изминатиот период веќе беа регистрирани случаи на ширење на коронавирусот во два дома за стари лица, а починаа над 15 лица. Во Атина во карантин е еден дом за стари лица, откако болничарка била позитивна на ковид-19. (МИА)

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама тврди дека нема таен договор за границите меѓу Албанија и Грција и оти не може да има, бидејќи таквите нешта немаат никаква вредност ниту над морето ниту над копното сè додека се тајни.
Реакцијата на Рама следува по лавината реакции и обвинувања од страна на опозицијата, познати личности од оваа област, дека „им го подарил морето на Грците и оти за тоа веќе има таен договор“. („Нетпрес“)

Приштина – Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека без договор за меѓусебно признавање не е можна нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Одговарајќи на изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, дека и ако на средбата на челниците на Приштина и Белград на 4 септември во Белата куќа учествува американскиот претседател Доналд Трамп, нема да се разговара за признавање на косовската држава, Хоти изјави дека единствена тема за која се разговара на тие средби е меѓусебното признавање. („Либертас“)


Бисер балкански

Косово ќе банкротира

– Спогодбата во Вашингтон за време на кампања за претседателски избори ќе го банкротира Косово, и тоа по економски пат со губење на контролата над Трепча и Газивода, а ќе банкротира и на политички план со ставање на фуснотата дека статусот за признавање не е исполнет и со тоа дека сѐ уште не е најден компромис. Америка и Американците, кои помогнаа Косово да се ослободи од Србија, исто така, се против таквата спогодба. Тие ја сметаат за договор што го осакатува Косово во корист на некои поединци, кои имаат материјална корист од спогодбата со која Србија добива голема битка во политичка смисла. Во Вашингтон Косово ќе биде осиромашено, а во Брисел Србија ја подига политичката цена – рече Хаки Абази, пратеник во косовското собрание од редовите на движењето Самоопределување.