Атина – Грција стави во карантин цел камп за мигранти, откако 20 баратели на азил биле позитивни на тестот за коронавирус, објави Министерството за миграција.
Тестовите врз 63 лица биле спроведени откако 19-годишен мигрант во болница во Атина бил позитивен на ковид-19, со што стана првиот регистриран случај на зараза меѓу илјадници мигранти сместени во преполните кампови низ целата земја.
Кампот се наоѓа на 75 километри североисточно од Атина и е дом на околу 2.500 луѓе. („Независен“)

Подгорица – Јавниот сервис на Црна Гора, во ситуација на епидемија на коронавирус, заклучно со вчера ги отпушти сите вработени што имале статус на хонорарни соработници. Генералниот директор на Радио-телевизија Црна Гора, Божидар Шундиќ, го известил менаџментот дека од вчера во јавниот сервис нема да работат хонорарци. Шундиќ во дописот навел дека на хонорарните соработници ќе им се даде отказно решение во согласност со заклучоците на Владата и итните мерки во врска со коронавирусот. („Вијести“)

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека првите 10 дена од овој месец ќе бидат одлучувачки за преземање дополнителни мерки против коронавирусот.
На прашањето дали ќе има масовно тестирање на населението во наредните денови, одговори дека за ова прашањето треба да одлучи Техничкиот комитет на експерти. („Ора њуз“ )


Бисер балкански

Короната е како фудбалот

– Сево ова ми личи на Светско првенство во фудбал. Тоа е игра на нерви. Како што видовме, Хрватите победуваа многу добро во продолженијата и на пенали. Но знаете колку нерви се губат со тоа. Би сакала да не го правиме тоа и да победуваме во оние 90 минути. Мислам дека ние заедно можеме добро да направиме, бидејќи болеста се шири на југот. Да бидеме трпеливи и луѓето од југот да се обидат да не го шират вирусот. А потоа сите заедно на море, да не ја изгубиме сезоната. Ќе ја пополнат Хрватите – рече Алемка Маркотиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести во Загреб, која е една од првите луѓе што раководат со Кризниот штаб на Хрватска за справување со коронавирусот.