Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера учествуваше на видеоконференција во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, под покровителство на Европската Унија. Вучиќ преку видеолинк разговараше со косовскиот премиер Авдулах Хоти, а своите ставови ги изнесоа и високиот претставник на Европската Унија, Јозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
– Ова е прва средба на високо ниво по замрзнувањето на дијалогот меѓу Приштина и Белград. Директна средба меѓу учесниците на дијалогот ќе се одржи во Брисел на 16 јули, изјави Петер Стано – портпарол на високиот претставник на ЕУ, Борел. (РТС)

Сребреница – Во Меморијалниот центар во Поточари беше одбележана 25-годишнината од геноцидот во Сребреница. На комеморацијата учествуваа високи претставници од земјите во регионот и светот, кои упатија пораки за мир и го осудија овој злосторнички чин од војната во Босна и Херцеговина. Меморијалниот проект „Што те нема“ на американско-босанската уметница Аида Шеховиќ беше поставен во меморијалниот центар „Сребреница – Поточари“, по повод одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот над Бошњаците во Сребреница, кој во 1995 година го извршија воените, полициските и паравоените формации од Република Српска и Србија.
Проектот е направен од филџани, во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот од 1995 година. Во поставувањето на овој споменик во знак на оддавање почест на жртвите од сребреничкиот геноцид учествуваа волонтери од различни делови на БиХ. („Окно“)


Бисер балкански

Короната е како кариес

– Гледајќи некои американски и западни телевизиски канали, мислам дека работата ментално бега од контрола и на крајот луѓето ќе полудат, бидејќи сѐ повеќе се замајуваат и се убиваат во поим со информации што не ги разбираат ни тие што ги пласираат, а уште помалку и самите водители и публиката. Ова стана еден вид мртва трка чија студија или истражување ќе биде прва пласирана. Тоа нема смисла. Со ова мораме да живееме и колку порано го прифатиме како еден вид нормалност, толку подобро. Да кажеме дека ова не е некој вид болест, туку како кариес. Тоа може да се излекува – изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, на отворањето на 71. Дубровнички летни игри, каде што говореше за ширењето на заразата со корнавирус во Хрватска и порача дека мора да научиме да живееме со вирусот.