Панорама / Ковид и вијагра!

Белград – Србија е петта во Европа според бројот на нови случаи на 100.000 граѓани, изјави директорот на Канцеларијата на СЗО во Србија, Маријан Ивануша. Завчера во Србија беа потврдени 4.769 нови случаи на заболени со коронавирус, а починаа 32 пациенти. Лекарите предупредуваат дека расте бројот на сериозно болни пациенти. (РТС)

Подгорица – Државниот секретар на Министерството за здравство на Црна Гора, Борко Бајиќ, изјави дека целосно затворање на државата е опција за која се залага Институтот за јавно здравје, но дека оваа одлука не може да се донесе без процена на други релевантни институции, пред сѐ на министерствата за економија и финансии. („Вијести“)

Тирана – Полицијата во Торино, Италија, открила измамничка шема што ја смислиле тројца албански државјани, преку која се украдени над милион евра од здравствениот систем на земјата. Најмалку 150 Албанци, главно со дијагностициран карцином, добиле бесплатна здравствена заштита преку овој механизам – објави весникот „Ла република“.
Од спроведената истрага се покажало дека три лица ја создале шемата, меѓу нив се две албански државјанки што работеле како културни медијатори во Информативниот центар за здравствена заштита на имигрантите во Торино. („Топ чанел“)


Бисер балкански

Ковид и вијагра!

– Дали сте размислувале да дадете предлог аптеките да доставуваат лекови на адреса на пациентите? Аптеките станаа жаришта каде што доаѓаат заболените граѓани, кои ретко кажуваат дека се болни и секогаш кажуваат дека купуваат лекови за некој роднина. Досега во аптеките се купуваше за пријател само вијагра, а сега и лекови против ковид – рече Билсена Шахман, пратеничка со Собранието на Кантон Сараево, која со доза црн хумор објасни како пациентите сами одат во аптеките и лажат дека се позитивни на коронавирусот.
Таа на седницата на кантоналното собрание ја искористила можноста да постави неколку прашања до министерот за здравство на кантонот Сараево, Харис Враниќ, а кои се однесуваа на долгото чекање на луѓето во болниците да пристигнат медицинските тимови или нивно непотребно препраќање од една во друга болница.