Загреб – Државниот хидрометеоролошки институт на Хрватска соопшти дека наврнале 90 литри дожд на квадратен метар во Загреб за 24 часа, што е многу редок феномен, кој се случува еднаш во повеќе од сто години.
Невремето што завчера ги зафати Загреб и делови од Хрватска предизвика поплави и голема материјална штета. („Хина“)

Атина – Во август туристичките власти на Грција ќе го дозволат поморскиот сообраќај за крузерите. Во текот на оваа недела се очекува надлежните во Грција да ги усвојат и да ги финализираат европските упатства за екипажот и патниците на крузерите што ќе пристигнуваат на грчките пристаништа. („Скај“)

Белград – „Не знам дали ќе останам на позицијата министер за надворешни работи во идната влада на Србија, не зборував за тоа со претседателот Александар Вучиќ“, рече шефот на српската дипломатија и претседател на СПС, Ивица Дачиќ.
– Сè додека не се формира нова влада, ние работиме за државен интерес, потоа кој ќе стане министер, тој ќе работи – изјави тој. („ТВ Прва“)


Бисер балкански

Испратете книги, не тенкови

– Ние Србите никогаш не сме се плашеле од чија било сила. Секогаш бевме определени за мир и да го заштитиме тоа што е наше. Господа, ако сакате да им помогнете на Албанците, треба да им се испраќаат книги наместо оружје. Не испраќајте им тенкови, затоа што со нив не се влегува во ОН, ниту во УНЕСКО и Интерпол, никогаш. Да им се испрати Резолуцијата 1244, Повелбата на Обединетите нации, па потоа како луѓе да разговараме за другото. Но Хоти може да каже дека единствено решение е во рамките на важечкиот устав на т.н. Косово. Јас лично ќе му испратам Устав на Република Србија, па нешто и да научи, затоа што нашиот устав е барем 200 години постар од нивниот – порача Марко Ѓуриќ, шефот на Канцеларијата на Косово и Метохија во Владата на Србија, по информациите дека косовската војска се опремува со оружје од германско производство.