Дубравка Стојановиќ

Тирана – По поразот на опозицијата на парламентарните избори во Албанија, најголемата опозициска сила Демократската партија почна процедура за избор на нов лидер. Меѓу кандидатите е актуелниот партиски претседател Љуљзим Баша, а кандидатури поднеле уште тројца: Фатбард Кадили, Едит Хаџи и Агрон Шехај.
Најголемо изненадување е недоставувањето кандидатура од поранешниот шеф на државата и актуелен претседател на Националниот совет, Бујар Нишани, кој се сметаше за најсериозен кандидат за партиски лидер. („360 степени“)

Белград – Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени дека писмото што на претставниците на УНЕСКО им го испрати Албин Курти е кулминација на лицемерството и цинизмот.
– Манастирите се под постојано око на КФОР, особено Високи Дечани. Не може да се каже дека не им е загрозена безбедноста, а постојаните притисоци врз монасите и Српската православна црква продолжуваат – рече Брнабиќ.
Таа додаде и дека косовскиот премиер Албин Курти во писмото за српското културно и верско наследство и манастирите зборува како за нивно културно и верско наследство, односно косовско наследство. („Новости“)

Љубљана – Словенечкиот имунолог Андреј Трампуж, раководител на Одделот за инфективни болести во болницата „Шарите“ во Берлин, вели дека коронавирусот може целосно да исчезне за три до четири месеци, барем кога станува збор за Европа.
Трампуж, еден од најистакнатите експерти во нашиот регион за вирусот, од друга страна, предупредува дека исчезнувањето на коронавирусот нема да се случи во помалку развиените делови на светот. (СТА)


Бисер балкански

Интелектуалци клиентелисти

– Клиентелистичкиот однос во општеството што го имаме од 19 век, значи дека државата или владејачката партија нешто ви дава, но и нешто бара. И сега во некој момент вие морате нешто да направите, да поддржите, да кажете, да потпишете некоја приврзаност кон некој водач. Сето ова доведува до збунување на општеството, отсуство на политички и општествени промени. Историјата во Србија не застана сега, туку кога и почнала. Познато ни е дека во 19 век припадниците на Народната радикална партија на Никола Пашиќ биле противници на основањето на Медицинскиот факултет, за воведувањето на канализација или дури и за подигање двокатни згради во Белград, што го оправдуваа со постоење на поважни прашања, кои најпрво би требало да бидат решени – изјави Дубравка Стојановиќ, професорка на Филозофскиот факултет во Белград, во јавната дебата на новинската агенција „ФоНет“, во која посочи дека овдешните интелектуалци на некој начин се службеници на државата, кои прекуноќ можат да останат без работа, доколку државата одлучи да ги смени законите со кои се финансираат високообразовните институции.