Белград – Србија воведе забрана за движење од сабота во 13 часот до понеделник до 5 часот. Забрането е собирање на повеќе од две лица на едно место. Забраната за движење не важи за пензионерите, кои може во недела наутро од 4 часот да одат во продавница.
– Во наредните 72 часа очекуваме забрзување во смисла на бројот на заразени, за жал се очекува и зголемување на бројот на починати – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. („Новости“)

Бања Лука – Од денеска стапува во сила одлуката за прогласување вонредна состојба во Република Српска, која е воведена за да се спречи ширењето на новиот коронавирус. Решението го донесе Парламентот на РС, а во „Службен весник“ е објавено и стапи во сила откако претставниците на Бошњаците се откажаа од ставање вето, односно поднесување барање за утврдување на виталниот национален интерес на конститутивниот народ. Вонредната состојба се однесува на целата територија на Република Српска. („Макфакс“)

Љубљана – Словенечката полиција соопшти дека претстојниот викенд ќе има засилено присуство во туристичките центри низ државата, за да ги спречи граѓаните да го прекршуваат ограничувањето на движењето, наметнато за спречување на ширењето на коронавирусот.
– Се работи за ограничувања што се непријатни за луѓето, особено во првите денови на пролетта, кога сите сакаат да се дружат и да одат на прошетка во природа, но оваа мерка е само за ваше добро – се наведува во соопштението на полицијата.
Оние што нема да го почитуваат ограничувањето ќе бидат најстрого казнети. (МИА)


Бисер балкански

Изолација за опозицијата!

– На Србија денеска ѝ се најпотребни единство и солидарност, а не лажна, лицемерна моралност, политички памфлетизам и демагогија. Дозата дневнополитичко лудило што доаѓа од еден дел на самонаречената опозиција нема да придонесе во овој тежок момент. Нема да успее да се излечи вирусот на политичко преживување и паника, која ни се случува одамна. Ако веќе сакаат, како што велат, најмногу да придонесат, нека останат во своите домови – рече Ѓорѓе Милиќевиќ, потпретседател на Социјалистичката партија на Србија и на Народното собрание, кој живее во Ваљево, за обвинувањето на опозицијата во Србија дека овој град е жариште на коронавирусот. Во овој град бил одржан масовен собир по повод случувањата во Крушик, каде што е сместена фабрика за наменската воена индустрија, која беше споменувана во контекст на сомнителни бизниси од високи државни функционери.