Белград – Германија сè уште не донела одлука дали да ги следи препораките на ЕУ за отворање на границите за земји што не се дел од Унијата, а граѓаните на Србија ќе треба да го одложат заминувањето во Германија до понатамошно известување. На српските државјани со дозвола за престој или со национална виза на Сојузна Република Германија им е дозволено, по правило, да влезат во Германија само доколку патуваат за да се вратат во нивното место на постојан престој. Лидерите на Европската Унија објавија препорака, според која, граѓаните на 14 земји ќе можат слободно да патуваат во земјите-членки на ЕУ од 1 јули. Србија е исто така на тој список. (РТС)

Атина – Грција ќе биде една од првите земји во Европската Унија што ќе ја повлече пластиката за еднократна употреба, усогласувајќи се со директивите од Унијата, изјави министерот за животна средина и енергија на Грција Костис Хаѕидакис. Паралелно, Министерството заедно со невладина организација започнува кампања „Грција без пластика за еднократна употреба“. Европските упатства предвидуваат од јули следната година да се забрани продажбата на пластични производи за еднократна употреба. Грција ќе воведе и дополнителни мерки на национално ниво, како што е такса за заштита на животната средина од почетокот на 2022 година. (МИА)


Бисер балкански

Извршител за пет книги

– Таа им се обрати на медиумите, а не нам. Дури сега ни се јави, по осум години откако одбива да ги врати книгите што ги позајми од библиотеката. Книгите се сопственост на градот Белград. Таа ги врати книгите, но цело време беа во нејзино владение. Нека напише молба во која ќе објасни зашто не може да ја плати казната и ќе го најдеме решението – изјави Јасмина Нинков од Библиотеката на градот Белград, за случајот на една белграѓанка, која во февруари 2012 година позајмила пет книги од библиотеката, а која сега се соочува со извршители за наплата на долгот.
Случајот што се води пред Јавното обвинителство сѐ уште не е решен поради одбивање на жената да се појави пред судот.