Софија – Лидерот на втората политичка сила на неодамнешните парламентарни избори во Бугарија, Има таков народ, Слави Трифонов е позитивен на тестот на ковид-19, изјави заменик-претседателот на партијата Тошко Јорданов.
– Господин Трифонов е добро, се наоѓа во карантин и ги почитува сите барања и правила на Националниот кризен штаб – истакна Јорданов.
Ноќта на парламентарните избори во Бугарија, на 4 април, лидерот на бугарската партија Има таков народ објави дека има симптоми на ковид-19, по што ги направи потребните испитувања. („24 часа“)

Белград – Во саботата пред српското Собрание се одржа протест под слоганот „Еколошко востание“. Во организација на собирот учествуваа над 70 еколошки и граѓански движења, кои бараат заштита на правото на здрав воздух, вода и земја. Организаторите апелираат да се почитуваат епидемиолошките мерки.
На протестот говореше и пејачот на групата „Патрибрејкерс“, Зоран Костиќ-Цане, кој порача дека „без вода нема слобода, а таа се загадува постојано, без земја нема храна, без воздух нема живот.“
Веќе неколку години активистите за заштита на животната средина се борат против изградбата на мали хидроцентрали. („Новости“)

Тирана – Вакцинацијата против коронавирусот во Албанија продолжува со несмалена динамика и досега се имунизирани 250.676 лица. Во текот на мај се очекува имунизација на вкупно 500 илјади лица, со што „ќе се создаде можност за полесна туристичка сезона“. Во меѓувреме, во земјата овој месец бројот на новозаразени бележи голем пад. Во просек, дневно се регистрираат по околу 300 нови случаи, наспроти минатиот месец, кога бројката беше над 1.200. („Република“)


Бисер балкански

Зелен пазар отпорен на ковид-19

Една година од воведување на е-пазарот за земјоделските производи, на кој стотина српски производители го нудат домашното производство на овошје, зеленчук, јајца, млеко и месо, не профункционира во очекуваниот обем. Иако на електронскиот пазар има понуда од над 1.300 земјоделски индивидуални производители, побарувачката е минимална.
– Сѐ уште сме на е-пазарот, но долго време од тоа нема корист. Работеше додека важеше вонредната состојба. Повторно се вративме на пазарите – вели Мирјана Стошиќ Димиќ, производителка на зеленчук.
На почетокот на епидемијата земјоделците продавале од дома, но се вратиле на тезгите, затоа што луѓето сакаат да одат на пазарите. Но и тоа не помогна многу, затоа што побарувачката сѐ уште е помала од времето пред ковид-кризата, пишува „Данас“.