Тирана – Конститутивната седница на новиот албански законодавен дом ќе се одржи на 10 септември. Врз основа на уставните надлежности, седницата со уредба ја свика претседателот Илир Мета. Во новиот парламент, со вкупно 140 пратеници, Социјалистичката партија (ПС) има 74 пратенички места, изборната коалиција предводена од Демократската партија (ПД) 59, Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ) четири и Социјалдемократската партија има три пратенички места.
Како што пред два дена, на седница на Националното партиско собрание, соопшти лидерот на социјалистите Еди Рама, спикер на Парламентот ќе биде универзитетска професорка Линдита Никола. Педесет и шестгодишната Линдита е сопруга на Лигор Никола, актуелен декан на Факултетот за математичко инженерство и физика во Тирана. Тој е Македонец, родум од селото Врница, област Голо Брдо. („Курир“)

Љубљана – Во Словенија, со владина уредба, се забрани употребата на повеќето пластични производи за еднократна употреба. Производите ќе бидат забранети со регулативи поддржани пред повеќе од две недели, кои се во согласност со директивата на ЕУ. Во забранетите производи спаѓаат пластични прибори за јадење, чинии и сламки, како и стапчиња за уши, освен оние што се користат за медицински цели. (СТА)

Приштина – Четири бремени жени починаа во Косово во последните неколку дена од последици од ковид-19, додека уште две се лекуваат на Одделението за интензивна нега.
Во последните два случаи се извршени предвремени породувања. Две мајки починаа во последните два дена. Едното бебе преживеа, додека другото не – изјави лекарот задолжен за Одделението за интензивна нега, Ментор Алимусај. („Коха“)


Бисер балкански

Задолжителна вакцинација!

– Напливот на новозаболени, главно со делта-сојот, особено кај помладата популација, услови проширување на опсегот на задолжителна вакцинација на групите што се најзагрозени од ширењето на инфекцијата. Најпрво тоа го направивме за медицинскиот персонал, универзитетските работници и студенти, а сега ги опфаќаме и вработените во администрацијата, полицијата, фармацевтските работници и лаборантите – изјави Еугена Томини, заменик-министерка за здравство на Албанија
Епидемиолошката состојба во земјата не стивнува, поради што од вчера во функција е ставена и болницата „Ковид 3“, а се подготвуваат да почнат со прием на пациенти и регионалните болници.